Меџити: Војната на УЧК во Косово и Македонија беше праведна и разумна

Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, изрази целосна поддршка за вчерашниот протест во Приштина под името „Правда за ослободителите“, организиран од страна на Здружението на воени ветерани на паравоените УЧК и ОВК.

Во објава на социјалните мрежи Меџити нагласи дека не сака да ја користи оваа голема кауза за изборни цели, бидејќи според него, борбата за слобода и правда е многу поважна од какво било политичко натпреварување.

„Мојот став беше и останува непоколеблив: Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста“, истакнал членот на коалицијата ВЛЕН.

Тој оценил дека Косово денес е суверена и функционална држава во секој агол од својата територија, нагласувајќи дека „паралелните структури на северот од Косово се елиминирани, додека институциите на Република Косово се консолидирани“.

Меџити, исто така, ги критикувал политиките на иницијативата „Отворен Балкан“ и политичката класа која, според него, направила компромис со територијата, богатството и правдата. Тој оценил дека денес Косово го водат лидери кои не се пазарат со државните и националните интереси.

Back to top button
Close