Меѓународен ден на мајчиниот јазик: „Матица“ и „Алкалоид“ со донација за првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија

На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик денеска во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, донација од голем број клучни книги за македонскиот јазик, книжевност, култура и историја тргнува кон Љубљана., соопштија од „Матица македонска“.

Од „Матица македонска“, од каде што и почна иницијативата за дарување книги и „Алкалоид“, првата општествено одговорна компанија што се приклучи кон иницијативата, заеднички донираат капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

Во академската 1961/1962 година, во Љубљана беше отворен првиот лекторат по македонски јазик во светот, за потоа, во академската 1984/85 година да прерасне во Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто и денес успешно функционира во рамките на Одделот за славистика. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, се вели во соопштението, оваа донација од „Матица“ и „Алкалоид“ е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка Катедра по овој повод.

 

– Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана ѝ го честита на „Матица македонска“ јубилејот 35 години од основањето и ѝ посакува и натамошни успеси и што повеќе читатели и читателки. Со прекрасната иницијатива „Подари книга, подари свет“, тоа сигурно ќе се оствари. Ни претставува голема чест и многу сме благодарни за богатата книжна донација што во рамките на оваа иницијатива ни ја доделуваат првата издавачка куќа во самостојна Македонија и „Алкалоид“. Квалитетните современи изданија секако ќе ја збогатат нашата библиотека и ќе овозможиат потемелно изучување и истражување на македонскиот јазик, книжевност и култура на нашиот факултет. Овие изданија не само што ќе бидат од корист за студентите што ја изучуваат македонистиката во раките на трите циклуси на студии, туку ќе бидат и поттик за нови истражувања, анализи и научни согледби и ќе ни овозможат нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик и на вредностите на македонската книжевност и култура. Онака како што и во изминатите децении, изданија на „Матица македонска“ беа референци во нашите проучувања и во пренесувањето на љубовта кон македонистиката кај нашите студенти. Посакуваме овој пример да го следат и другите оштествено одговорни компании, вклучително и за другите универзитетски центри низ светот на коишто се изучува македонистиката, истакнала раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана, проф. д-р Намита Субиото.

Инаку, Филозофскиот факултет во Љубљана, прв во некогашниот заеднички југословенски образовен систем има распишано конкурс за лектор по македонски јазик, уште во 1960 година, иако и претходно, во рамките на студиите по јужнославистика, македонистиката официјално се изучувала и на универзитети во други земи. Академиците Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ, како тогашни раководители на македнистичките катедри на Универзитетот во Скопје, до Деканатот на Филозофскиот факултет во Љубљана ја имаат испратено својата стручна оценка за  кандидатот Блаже Ристовски – првиот лектор по македонски јазик, којшто ја има почнато историјата на словенечката македонистика во академската 1961/62 година. Под палката на вториот лектор, проф. д-р Драги Стефанија, инаку ученик на Блаже Конески којшто повеќе од три децении ја водел љубљанската македонистика, Лекторатот има прераснато во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто денес, речиси дваесет и пет години под раководство на проф. д-р Намита Субиото се издвојува не само како прв академски македонистички центар надвор од Македонија, туку и како еден од најактивните во светот.

Донацијата од „Матица македонска“ и „Алкалод“ го вклучува речиси целото творештво на првиот лектор по македонски јазик, академик Блаже Ристовски, а опфаќа и огромен број други книги – клучни студии за македонскиот јазик и за македонската книжевност, монографии за македонската култура, избори од творештвото на дел од најзначајните македонски писатели, антологии на современата македонска поезија, проза и драма и историографска литература.

Иницијативата „Подари книга, подари свет“ беше почната од „Матица македонска“ неодамна, во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање, заради поттикнување на љубовта кон читањето и за овозможување пристап до книги на читатели секаде каде што е потребно. Со оваа иницијатива, за првпат на ваков начин во Македонија се одбележа и Меѓународниот ден на дарувањето книги. Интересот за приклучување кон иницијативата на „Матица македонска“ е голем. Институции, општествено одговорни компании, јавни личности од повеќе сфери на општествениот живот и читатели од сите генерации искажуваат интерес за приклучување кон иницијативата на „Матица македонска“ за којашто засега е најавено дека активностите траат до крајот на месецов, при што кон неа и натаму можат да се приклучат сите што се заинтересирани да придонесат за овозможување пристап до книги во секој дом, во секоја институција и секаде каде што има сегашни и идни читатели, се додава во соопштението.

Back to top button
Close