Меѓународен ден на сеќавање на трансродовите луѓе: Институционалното насилство останува сериозен проблем

Институционалното насилство врз трансродовите лица во Северна Македонија, останува сериозен проблем, особено во здравствениот систем, образованието и полицијата. Според извештај на Коалиција МАРГИНИ, трансродовите лица се соочуваат со значително насилство и дискриминација, што доведува до сериозни нарушувања на нивните права, здравје и безбедност.

Со оваа состојба денеска се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на трансродовите луѓе, ден посветен на оддавање почит кон трансродовите и родово различните луѓе чии животи се одземени поради анти-транс насилство предизвикано од трансфобија и говор на омраза.

Најмногу случаи на насилство, според извештајот на МАРГИНИ, се пријавени во здравствениот сектор, каде што од 93 регистрирани инстанци на насилство, 51 случај бил мотивиран од родовиот идентитет. Образованието се извојува како втора област во која има најголемо присуство на насилни однесување.

Извештајот укажува дека трансродовите ученици се соочуваат со екстремни форми на насилство кои ги опфаќаат физичките напади, постојаното малтретирање и дискриминацијата од страна на врсниците и наставниот кадар што создава средина на постојан страв и изолација.

Како што соопштуваат од ТрансФормА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија, дополнително, иако видливоста и свесноста за трансродовите луѓе растат, насилството кон нив е во пораст. Според последниот извештај на проектот Trans Murder Monitoring (TMM), од октомври 2022 до септември 2023 година се регистрирани најмалку 350 убиства на трансродови и родово различни луѓе глобално. Од почетокот на мониторингот во 2008 година до сега, документирани се над 5.000 убиства.  Годишниот број е трет највисок досега.

За алармантната тенденција на пораст, заедничката изјава на TGEU, во соработка со GATE, ILGA World, APTN, IGLYO и ESWA, истакнува дека ова е последица на координираните напори на антиродовите движења и движењата против правата, кои ги инструментализираат и демонизираат транс лицата за да ги поддржат пошироките антидемократски политички агенди.

– Гледаме постојан пораст на говорот на омраза и на насилството поттикнато од омраза онлајн и офлајн, особено од политички актери, религиски и верски лидери и јавни личности. Овој пораст е овозможен од недостатокот на силно законодавство за кривични дела од омраза што ги штити родовиот идентитет и родовото изразување, како и манипулативните дезинформациии што произлегуваат од недостатокот на одговорност на компаниите за социјални медиуми во обезбедувањето интегритет на информациите, стои во изјавата.

Меѓународниот ден на сеќавање на трансродовите луѓе – 20 ноември се одбележува од 1999 година, по убиството на Рита Хестер, црна транс-жена од САД. Денот е спомен за мртвите, но и потсетник на насилството и нееднаквоста со кои се соочуваат транс луѓето ширум светот, и поттик за продолжување на борбата за безбедностa и правата на транс луѓето.

Back to top button
Close