Меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ во Куманово

Комората на органски производители и здружението „Живот“ Куманово по четврти пат го организираа Меѓународниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ во Куманово.

Своите производи на отворено во Куманово ги изложија 134 излагачи од државата, Србија, Бугарија, Црна Гора, Косово, БиХ, Унгарија, Албанија и други држави. Пипер, домати, бадеми, слатка, зимница, вина, сокови, млечни и месни продукти, мед, органска козметика, семиња, презентираа индивидуалните производители, но и фирми, задруги, сојузи.

Граѓаните се свесни за предностите од консумација на органски производи, кои, иако поскапи, се вложување во здравјето. Помладата популација се чини дека е посвесна за придобивките, за врската помеѓу исхраната и здравствената состојба на човекот, подготвени се да купат здрави производи и, секако, да платат повисока цена.

Горан Балески од Валандово, како претставник на задруга вели дека органските производи имаат сè поголем број консументи. Во задругата има 14 субјекти што произведуваат органска храна и продукти, меѓу нив органски бадем, мед, јапонско јаболко, вишна, калинка, маслинка, јаболко, компир, пиперка, тиква на површина од околу 50 хектари. Во задругата членуваат производители од Валандово, Дојран, Богданци, Куманово, Охрид, Скопје.

– Прилично млада задруга сме, но вака заеднички имаме поширока палета на производи, може полесно да се влезе на поголем пазар, вели Балески чие семејство одгледува органски бадем.

Континуирано расте бројот на излагачи, производители и компании што се презентираат на саемот, велат организаторите, и оценуваат дека тоа говори за сè поголемиот број производители, но и консументи на органски здрави продукти.

– Саемот има цел да им помогне на производителите да ги презентираат производите, да ги прошират контактите во регионот и да ги согледаат предизвиците со кои се соочуваат и да почнат да се вмрежуваат. Размената на искуства е клучна за овој саем, важно е да се вмрежат производителите, да најдат контакти, да се консултираат со институциите, да настапат заеднички на пазарот, изјави претседателот на Комората, Драган Цветковиќ.

Меѓу излагачите беше и Весна Јаневска, производител, индивидуален земјоделец од Росоман, која од суровините прави готов производ, македонска традиционална зимница, ајвар, малиџано, лутеница. Таа има и овоштарник од кој произведува слатка и џемови. На саемот понуди и слатка од диви капинки.

– Сè што имаме од плантажите, сè што ќе набереме, произведуваме. Имаме наши два хектари, доволно е за едно семејство. Особено сега во екот на зимниците, потрошувачката е одлична. Зимницата и слатката, џемовите се рачно изработени, немам некои огромни количини, но задоволни се и потрошувачите, моите долгогодишни клиенти. Опстојувам 17 години, на почетокот беше тешко, имавме конкуренција, пробивањето беше предизвик, луѓето не сакаа да купуваат од непознати, тој проблем сега го немаме, имаме раширена мрежа, за нас е важно да си го задржиме квалитетот, побарувачка има, но во последно време недостига работна рака, тоа ни е главен проблем, вели Јаневска.

Органското производство е тренд, се согласува и Радан Цимбаљевиќ од Беране, Црна Гора. Тој произведува органски житни култури, брашно од овес, јачмен, спелта, ’рж, хељда, пченица, жолта и бела пченка.

– Станува збор за автохтони сорти што се чуваат во банката во Подгорица. Органското производство бара многу вложувања, одрекувања. Во моментов актуелни се здружувањата на органските производители, тренд во балканските земји, особено по пандемијата, која некако ги натера граѓаните да размислуваат и да се преориентираат кон здрава храна, вели Цимбаљевиќ.

Софија Шутова, претставничка на компанијата „Сид оф лајф“, која произведува сирови крекери, произведени од семки, јатки и зачини, вели дека во последниве години расте интересот за консумација на органски продукти.

– Семките, јатките се сушат на минимална тенепратура од 46 степени за да останат витамините, бидејќи ако се печат, се губат хранливите нутриенти. Суровините делумно се од извоз, делумно се од наше поднебје, има домашни сертифицирани производи со европски сертификат, вели Шутова.

Јатките се од Валандово, семињата како сончоглед се од Мустафино и зачините како рузмарин, лаванда, маточина, нане се од македонско тло. Шутова вели дека влегле во овој бизнис, сметајќи дека има голема количина органски сертифицирани производители, но бирократијата за да се стане сертифициран производител е скапа.

– Според мене, добро е да се понудат субвенции за сертификацијата, која е доста скапа и треба да се најде соодветно земјиште за органско производство. Често се случува да нема достапност до вода, нивите се расцепкани, граничат со лозја каде што користат пестиците. Потребна е поддршка на производителите, изјави Шутова.

Покрај операторите со храна, на саемот учествуваа и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбените производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство и механизација.

Претседателката на здружението „Живот“, Благица Гавриловска Цветковиќ, рече дека последниве години индивидуалните земјоделци почнуваат да се вмрежуваат и постигнуваат поголеми успеси.

На годинешниов саем учествуваа и земјоделски задруги, стручни училишта, комори од земјава и од соседните држави.

– Производството на органска храна е еден од стратегиските интереси на двете држави, бидејќи и двете земји имаат добри услови за производство. Веќе подолго време работиме да изградиме систем на соработка, тоа беше и посебна тема на мешовитиот меѓудржавен совет. Многу ни е драго што трета година по ред присуствува здружението на Унгарци и ги презентираме унгарските специјалитети, рече амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс.

На саемот се презентираа агенции, асоцијации, федерации, здруженија, владини и невладини организации, стопански комори, издавачки куќи, портали, нутриционисти и дипломатски претставништва и амбасади.

Експерти за рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, ја презентираа моменталната состојба на теренот, иницираат дискусија. Претставници од средни земјоделски училишта и факултети, институти се фокусираа на образованието и ширењето на знаењето поврзано со успешниот агробизнис.

Органското производство е клучно за државата, од кое добивка имаат самите производители, потрошувачите, целиот систем. Државата има услови за одгледување и производство на органска храна, но потребни се суштински вложувања, сметаат излагачите на саемот.

Back to top button
Close