Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа”

 Јубилејната 20-та Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа”, организирана од Младински Сојуз – Крушево, заврши денеска со работа на три сесии.

Последниот ден од Конференцијата започна со сесијата „Кои се потенцијалните пресвртни точки за регионот”, која имаше за цел да ги истражи и да даде смисла на претстава за билатералните односи во Југоисточна Европа, односно Скопје – Софија, Белград – Приштина, Тирана – Атина и Атина – Скопје.

Говорниците ставија фокусот на кризата со европската безбедност, како потсетник за геополитичкото значење на Западен Балкан и потребата од евроатлантската интеграција, генерирајќи успешни напори за деблокирање на процесот.

Вонредниот професор по компаративна политика на Балканот на Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии на Универзитетот „Македонија” од Солун, д-р Јоргос Христидис истакна дека руската инвазија врз Украина ја начна темата за една од најважни предности на Западниот Балкан – неговата геополитичка положба, имајќи предвид дека регионот се наоѓа во „мекиот дел” на Унијата.

Директорот, научен советник и редовен професор на Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје, проф. д-р Катерина Колозова посочи дека треба да се поддржи идејата за регионална стабилност преку борба против национализмите, кои можат да ги поттикнат општествата и државите.

 

– Сите се сеќаваме на деведесеттите. Треба да се заштитиме и да се посветиме на добрососедските врски. Меѓутоа, ако овие добрососедски односи се невозможни поради национализмот, историјата и наративите поврзани со наследството, ние мора да најдеме начин да го решиме тоа заради нас, изјави Колозова.

Втората сесија беше насловена „Пакт за мир: Европски пат за Балканот” и ги опфати политичките тензии и ризикот од сериозни конфликти кои го загрозуваат регионалниот развој и транзициите кон мирни општества.

На сесијата беше истакнато дека постои значителна празнина во соработката на регионално и на билатерално ниво меѓу соседните земји.

Како говорници на оваа сесија, свое обраќање имаа и двајцата поранешни министри за надворешни работи на Северна Македонија и на Грција и потписници на Преспанскиот договор, Никола Димитров и Никос Коѕијас.

 

Димитров оцени дека помеѓу државите во регионот постои една „нездрава конкуренција” за тоа кој е најстар народ и кој е најголемата жртва од историјата, нагласувајќи дека, според него, овој наратив е секогаш непродуктивен.

– Живееме во регион богат со историја и горди нации, но, за жал, не можеме да создадеме доволно заедничка иднина. Помеѓу државите постои една нездрава конкуренција за тоа кој е најстар народ, кој е најголемата жртва од историјата и тој наратив е секогаш непродуктивен. Наместо да се натпреваруваме чии медиуми се најслободни, чии политичари се најчисти и најмалку корумпирани, чии судии се најнезависни, чии системи се подигитализирани, ние се натпреваруваме во непордуктивни и нездрави теми. Најчесто ваквите емотивни расправии, политичките лидери ги користат за дефокусирање од вистинските проблеми на граѓаните, изјави Димитров.

Од друга страна, Коѕијас во своето обраќање се осврнува на важноста на одржување на соработката и вмрежувањето на регионот.

 

– Проблемот во нашите земји не е што Европската Унија не го одржува своето ветување, туку проблемот лежи во тоа што сите земји во регионот заборавија на соработката и вмрежувањето на регионот. Сите оние кои се кандидираат го ставаат фокусот на интеграциите и се фокусирани само на целта да станат дел од ЕУ. Ние мораме да ги поврземе нашите искуства. Тоа поврзување беше добро и е потребно за земјите кои се обидуваат да станат дел од ЕУ. Најдете начини да ги поврзете овие стратегии, но политички. Обидете се да бидете дел од ЕУ, но исто така обидете се да соработувате со земјите пред тоа. Направете група на земји кои го знаат заедничкото минато, заедничкото богатство. Ваквата соработка би ги направила земјите многу посилни, во НАТО и во Европската Унија, изјави Коѕијас.

Третата сесија од Младинската конференција беше посветена на темата за европската иднина со фокус на тоа како ќе изгледа демократијата и владеењето на правото во Европа и за тоа што ќе донесе Западен Балкан на масата во однос на евроинтеграциските процеси, при што акцент беше ставен на новите методологии за проширување и пристапување во Европската Унија.

Back to top button
Close