Меѓународната поморска организација свика итен состанок за безбедноста на пловидбата во Ормускиот Теснец
Меѓународната поморска организација (ИМО), специјализирана агенција на Обединетите нации (ОН), следната недела ќе свика вонредна седница во Лондон за да ги разгледа заканите за поморскиот сообраќај на Блискиот Исток, особено во Ормускиот Теснец, по серијата инциденти и растот на цените на енергенсите, соопшти денеска организацијата.
Вонредната седница на Меѓународната поморска организација ќе се одржи на 18 и 19 март во Лондон, на барање на шест од вкупно 40 членки на таа организација – Велика Британија, Египет, Франција, Мароко, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Разговорите се свикани поради сè поголемата загриженост за безбедноста на поморскиот сообраќај во регионот на Блискиот Исток, поради практичното затворање на Ормускиот Теснец, една од клучните светски рути за транспорт на енергенси, што придонесе за нагол раст на цените на нафтата и гасот. Прекинот на сообраќајот низ Ормускиот Теснец, единствениот излез и влез од Персискиот Залив, предизвика најголеми прекини во снабдувањето со нафта во историјата.
Танкерите остануваат во пристаништата бидејќи бродосопствениците стравуваат од ирански напади, што дополнително ја загрозува стабилноста на снабдувањето.
Претходно, на 3 март, советникот на командантот на Иранската револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека е затворен Ормускиот Теснец, со предупредување дека ќе биде нападнат секој брод што ќе се обиде да помине по тој половен пат.
– Ормускиот Теснец е затворен и ќе го гаѓаме секој брод што ќе се обиде да помине – рече тој.
Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, во, како што беше соопштено, „превентивни напади“, до кои дојде по неуспехот на повеќе рунди преговори за иранската нуклеарна програма. Иран потоа почна масовни удари во знак на одмазда врз Израел и врз цели поврзани со САД ширум регионот на Блискиот Исток.






