Меѓународната заедница е обединета против Курти, вели претставникот на САД за специјални мисии, Ричард Гренел
Претставникот на новиот американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, упати остри критики кон косовската влада на премиерот Албин Курти на својот профил на социјалната мрежа Икс.
Тој го нарече Курти недоверлив и додаде дека со неговите активности го дестабилизра регионот.
Гренел во објавата вели дека администрацијата на Трамп и во претходниот мандат работела за мир за сите на Балканот и оти така ќе продолжи и сега.
„Имам многу пријатели во Косово и Албанија…и многу пријатели во Србија и во целиот регион. Но, ни требаат доверливи партнери“,
пишува Гренел во објавата на неговиот профил на Икс.
Она на што тој се осврнува е владата на косовскиот премиер Албин Курти за која вели дека не била доверлива ниту во првиот мандат на Трамп ниту, пак, за време на мандатот на доскорешниот претседател на САД, Џо Бајден.
„И републиканците и демократите постојано го критикуваа Курти за преземање унилатерални активности кои го дестабилизираат регионот. Така и ЕУ и НАТО. Меѓународната заедница е обединета против Курти “,
вели Гренел.
Тој во објавата вели дека американските компании се прошируваат во Албанија и Србија, но тоа не е случај со Косово токму поради Курти.
Курти, додава Гренел, исто така, беше против секоја американска идеја понудена од претседателите Клинтон, Буш, Обама, Бајден и Трамп.
„Реториката што сега ја користи Курти, тврдејќи дека е близок со САД и подобар од сите други косовски влади, е апсолутно лажна. Не се залажувајте“,
вели Гренел во објавата.
Ова е втора објава на Гренел за една недела, а во која се осврнува на состојбата на Балканот. Претходно на 26 минатиот месец Гранел објави коментар на социјалните мрежи за протестите во Србија, велејќи дека е важно да се слушнат различни гласови, но оти САД не ги поддржуваат оние кои го поткопуваат владеењето на правото и кои со сила сакаат да ги заземат државните институции.
Гренел за протестите во Србија: Не ги поддржуваме оние кои со сила сакаат да ги заземат државните институции
Во неговиот прв мандат, тој беше директор на националните разузнавачки агенции, а беше и амбасадор во Германија и специјален пратеник на претседателот за преговорите меѓу Србија и Косово.
Гренел продолжи да го посетува Белград дури и по поразот на Трамп на изборите во 2020 година, кога не ја извршуваше функцијата специјален пратеник.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во октомври 2023 година му го додели Орденот на српското знаме прв степен, за истакнати заслуги во развојот и зајакнувањето на мирољубивата соработка и пријателските односи меѓу двете земји.
Ричард Гренел летово повторно беше актуелен во земјава по неговите две средби со премиерот Христијан Мицкоски и со дел од министрите во актуелната влада.
Првата средба меѓу Мицкоски и Гренел се случи во Вашингтон на 8 јули, за време на НАТО-самитот во САД, а следната средба беше во Скопје, во Владата.
Како што информираа тогаш од Владата, во текот на средбата се анализирале можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. На средбата била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.
Третата средба на Мицкоски со Гренел беше минатиот месец во Вашингтон, за време на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што информираше тогаш Мицкоски на Фејсбук, двајцата разговарале за предизвиците со кои се соочува Македонија поврзани со членството во Европската Унија.
Тој додада дека побарал поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план.