Меѓународниот ден на Ромите и евроинтеграциите: Меѓу декларации и реалност
На 8 април, светот го одбележува Меѓународниот ден на Ромите – ден на признание и за почит, но и ден на потсетување дека вистинската еднаквост и инклузија сè уште се недостижни за многу припадници на ромската заедница.
За земја како Северна Македонија, која се стреми кон полноправно членство во Европската Унија, овој ден е можност за критичко преиспитување на сопствените заложби, но и реалноста на терен.
Во јули 2019 година, со усвојувањето на Познанската декларација, државата се обврза дека ќе ги зајакне напорите за обезбедување еднаков пристап за Ромите до образование, вработување, домување, здравствена заштита и правна сигурност. И покрај напредокот на нормативно ниво, системските бариери, дискриминацијата и социјалната исклученост сè уште го ограничуваат развојот на заедницата.
Пристапот до пазарот на трудот останува особено ограничен. Ромите, особено младите, се соочуваат со невработеност, пречки во вклучувањето во формалната економија и скоро неправеден пристап до финансии. Во меѓувреме, програмите за вклучување се ретко дизајнирани според реалните потреби на заедницата. Овој недостаток на структурна поддршка не само што ги маргинализира Ромите, туку ја лишува државата од огромен неискористен потенцијал.
Корупцијата и недовербата во институциите, исто така, ја попречуваат ефективната примена на стратегиите за инклузија. Европската Унија не бара само усогласеност со законска рамка, туку демонстрација на суштинска посветеност на вредностите: еднаквост, инклузивност и правда.
Во овој контекст, Ромите не треба да бидат третирани само како заедница што заслужува сочувство и поддршка, туку како ресурс – демографска и човечка предност. Како најмлада популација во Европа, тие претставуваат основа за идниот развој, доколку системот инвестира во нив со визија и доверба. Државата треба да престане да ги доживува само како обврска што мора да се исполнува, туку да ги гледа како можност за раст, за иновација, за динамична работна сила и социјална кохезија.
Вистинската интеграција започнува дома – тогаш кога секој граѓанин ќе биде третиран не само како статистика, туку како еднаков учесник во градењето на заедничката иднина. Ромите не се товар на системот, туку партнер во неговото јакнење. Само кога тоа ќе го препознаеме, Северна Македонија ќе покаже дека не се стреми само кон членство во ЕУ – туку и кон достоинствено, инклузивно и праведно општество.
Асиб Зекир