Меѓусоседските односи, односно Бугарија и Ковид-19

Денеска би сакал да дадам свое мислење и став за комплексните односи меѓу Македонија и Бугарија, по повод нивното вето за отпочнување преговори и влез на Република Македонија во Европската унија. Воедно, би сакал да ги споделам своите гледишта за пандемијата Ковид-19, која длабоко навлезе во нашите животи.

Резимирам две лоши нешта кои ни се случуваат истовремено и се прашувам кое е поголемото зло?

Пандемијата Ковид-19 е нешто кое станува прашање на време во однос на разрешница, кога ќе излеземе како победници. Таа спаѓа во сферата на науката, и верувам дека научниците ќе сторат се’ да се заврши оваа агонија. Но длабоко сум разочаран од односот на Бугарија кон нас, етничките македонци, негирајќи ја нашата посебност, култура, јазик и историја.

Една стара поговорка вели “што си посеал тоа ќе жнееш” . Од бугарска страна цело време нѐ викаат браќа македонци, меѓутоа таа братска љубов ако не е обострана тогаш не е љубов. За жал краткото владеење на Бугарија со дел од нашава Македонија не остави траги дека се работи за братски народи, туку длабоко во подсвеста на секој поединец кој што имал било какви потреби од нивната администрација или институции, говорам за периодот од 1941-1944 година, се соочувал со едно надмено, па дури би рекол и сурово и понижувачко за нас македонците однесување.

Најнапред сакам да укажам на фактот дека во Македонија живеат граѓани кои се чувствуваат како бугари и апсолутно тоа го сметам за нивно легитимно право. Меѓутоа, неможам да го сфатам тој мој сограѓанин кој се чувствува како бугарин, со кого говориме на литературен македонски јазик, да ми каже в лице дека македонскиот јазик е “развален б’лгарски eзик”. Тоа право никој не им го дал ниту некој ќе им го даде. Впрочем и најголемите заложници за идејата дека ние македонците сме б’лгари, е од нашите македонски б’лгари, што во нашиот удомен јазик значи јаничари.

Госпоѓата Мнистерка за Надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, говори дека ние сме коминтерновска нација и се дрзнува да го критикува „диктаторот“ Јосип Броз Тито. Дали госпоѓата Екатерина Захариева е свесна дека тој „диктатор“ нѐ направил граѓани на светот, не издигнал културно, едукативно и на сеопшто ниво за само 45 години. Разликата меѓу нас македонците и вас бугарите , тие 45 години во општествен и севкупен развој меѓу тогашната СРМ и Бугарија го мерам со светлосни години.

Ние, во времето на тој „диктатор“ имавме ама баш се; од бесплатно образование, здравство, слободно патување низ светот и континуирана едукација на севкупната популација во Македонија со зачетоци на вистински индустриски подем. За време на нашиот „диктатор“ имаше социјална правда, еднаквост и солидарност. Нашиот диктатор имаше визија пред себе и убеден сум дека и ден денес сите граѓани кои живееа на тогашните ЈУ простори со доза на носталгија гледаат кон минатото и на убавите моменти. И вие имавте прекрасен претседател во ликот на Ѓорѓи Димитров,”прекрасен диктатор” кој за жал немаше долг век. Тој човек Ѓорѓи Димитров ја препозна нашата посебност и дозволи во Бугарија да постои малцинство, македонци, што на првиот попис на населението, по Втората Светска Војна, направен во Република Бугарија имаше неколку стотици илјади изјаснети граѓани како македонци, кој за жал со доаѓањето на Тодор Живков беа избришани од графата на малцинство.

Кој е Господинот Тодор Живков? Кој бенефит тој ѝ го даде на тогашната бугарска држава и нејзините граѓани? Големо НИШТО. Беа граѓани кои живееа во својата зоолошка градина, додека нам граѓаните на бившата Југославија и нам македонците, тој „диктатор“ Тито, светот ни го даде на дланка.

Госпоѓо Захариева, со кое право вие мене ми го одземате најсветото чувство на национална припадност? Доколку бевте навистина добронамерни соседи кои се стремат кон добрососедски соживот, ви ќе ја почувствувавте нашата посебност и први ќе ни дадевте поддршка, а ние ќе ви бевме вечно благодарни. Вие ги уривате мостовите за наше зближување. Диктаторот Тито по националност хрват го почувствувал тоа што вие ни на сон неможе да ви се јави,а тоа е  нашата македонска посебност, која вие и ден денес ја негирате.

Освестете се, не е време за делби и омрази. Не будете негативна енергија кај секој македонец кој се чувствува македонец.

Воспитан од сопствените родители и дедовци како македонец, ги воспитав и сопствените деца и внуци како македонци, а вие се дрзнавте да го негирате мојот идентитет и јазик.

Не е срам за нас што ние се браниме и бориме, срамот е за вас. Плативте големи цени да го приклучите Вардарскиот дел на денешна Македонија кон вашата држава, но не успеавте, а знаете ли зошто не успеавте? Затоа што во Македонија има вистински македонци кои нема да дозволат да бидат асимилирани и вечно ќе се борат за најсветото што го носат во себе, а тоа е националната припадност.

Вратете се во реалноста, тргнете ги рацете од Република Македонија и покажете вистински ама ВИСТИНСКИ НАМЕРИ за добрососедски односи кои убеден сум дека ние македонците ќе ги препознаеме и почитуваме.

Трифун Костовски

Back to top button
Close