Мециновиќ: Градот е во лоша состојба, но има надеж

Сите ние во Скопје се сложуваме дека работите не ги бива.

 

Не ни требаат студии, експерти или проценки, сите живееме тука и состојбата е крајно лоша, изјави кандидатот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ, кој денеска пешачеше од општина „Ѓорче Петров“ до Ново Лисиче, каде граѓаните ги споделувале секојдневните проблеми со кои се соочуваат.

Мециновиќ нагласи дека е време политичките чинители да покажат дека промените се можни и дека постои надеж и истакна дека позитивната кампања која ја воделе во изминатиот период дава основа за оптимизам. Тој очекува дека Левица има реални шанси да влезе во вториот круг од изборите и да се натпреварува за управување со главниот град.

-Мојата мотивација за влез во оваа трка произлегува од искуството како член на Советот на Град Скопје, кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по интересите на граѓаните. Знаејќи како досега се однесуваа градските власти, сметаме дека навистина нешто може да тргне во позитивна насока, рече Мециновиќ.

Мециновиќ ги потенцираше клучните заложби на неговата програма како што е подобрување на јавниот превоз, системска борба против загадувањето на воздухот преку третирање на изворите, а не само симптомите, како и зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија.

-Нема да дозволиме приватизација на ниту еден капацитет на Град Скопје, порача тој, додавајќи дека инспекциските служби мора да бидат окрупнети во рамки на градската администрација за да се обезбеди ефикасна контрола.

На крајот, Мециновиќ ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на претстојните локални избори.

-Се работи за животниот простор, за секојдневното живеење, за работниците кои не можат да стигнат навреме на работа, за мајките кои чекаат да се намали загадувањето за да ги изнесат децата надвор. Се однесува на сите нас, повика Мециновиќ на гласање в недела.

 

Back to top button
Close