Мециновиќ: Институциите немаат никаква системска регулација и инспекциски надзор

Пратеникот и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, остро реагираше на социјалните мрежи, за огромниот пожар што избувна во фабриката за електронски отпад во Трубарево и предизвика вознемиреност кај скопјани. Мециновиќ прстот го впери кон лицемерието на властите и стручните кругови кои со години ја префрлаат вината за загадувањето врз сиромашните, се вели во соопштението од Левица, што МИА го објавува интегрално.

„Море политичари, стручњаци и сите останати на платен список, кои со години трубат дека сиромашните се проблем за загадувањето – те се грееле на ќумбиња, те возеле стари автомобили – да одите сега во Трубарево да видите како тоа изгледа кога гори електронски отпад во близина на градинка“, пишува Мециновиќ.

Тој додава дека институциите немаат никаква системска регулација и инспекциски надзор. „Затоа од време на време ни се случуваат вакви еколошки катастрофи“, вели Мециновиќ и додава дека лицемерието на власта и бизнис елитата оди дотаму што додека преку цела година индустриските загадувачи палат текстил и пластика во печките од една страна ги обвинуваат домаќинствата за загадување од друга страна.

„Колку богатство може да ве насити?“, ги праша Мециновиќ политичарите и тајкуните.

Посебна благодарност упати до пожарникарите кои, и покрај лошите услови и недостатокот на опрема, повторно се справија со огнената стихија. „Нека им е со лесно на хероите пожарникари – само они знаат како им е,“ нагласи тој, додавајќи дека итно треба да им се обезбеди соодветна опрема и поддршка, а од властите се очекува да дадат експедитивен одговор и да превземат конкретни мерки за да се спречат идни слични катастрофи.

https://www.facebook.com/share/p/19k4FE6rpW/

ПП Левица 

Фото: Левица

Back to top button
Close