Мециновиќ: На парламентарните избори Левица ќе претендира да биде прва партија во Скопје

Во изминатите два месеци постигнавме нешто што не можевме да го замислиме. Во создавањето на ова движење, во овие 60 илјади луѓе кои се одважија да ја изберат нашата опција го имаме огледалото за иднината на Скопје, кажа кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ.
„Во следните две и пол години само дополнително ќе се мобилизира, на парламентарните избори Левица ќе претендира да биде прва партија во Скопје“, кажа Мециновиќ.
Тој се заблагодари на сите гласачи на Левица.
„Тие ни ја даваат енергијата која ја имаме за да се спротивставиме на оваа ламја режимска“, кажа Мециновиќ.
Тој исто така им се заблагодари и на сите неопределени кои излегле да гласаат и им порача дека навистина не е залудно.
„Со ова покажавме дека иднината во Македонија е навистина посветла. Ние сме разбудени и се повеќе и повеќе ќе го чувствуваат одговор. Сакам да им се заблагодарам и на гласачите на СДС. Сметам дека браната е пукната и ние сме вашата опција. Ве повикувам да останете зад контингентот на Левица, затоа што Левица е опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Мециновиќ.
По оваа изборна трка, тој им порача на сите 60 илјади луѓе кои го дале гласот за него, дека ќе биде нивниот глас во парламентот, а ВМРО-ДПМНЕ ќе добие уште пожестока борба.






