Мециновиќ: Пристапот до дом е врзан со долг – наместо дом за секого, Владата создава профит за малкумина
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната седница за пратенички прашања упати остри критики кон Владата и кон вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, оценувајќи дека државата нема стратегија за решавање на станбената криза.

Мециновиќ посочи дека, и покрај најавите за инфраструктурен развој и економски напредок, голем број млади луѓе не можат да обезбедат сопствен дом и се принудени да живеат под кирија, да се задолжуваат со долгорочни кредити или да ја напуштат државата.
„Кога домот станува инвестициско средство, а не место за живеење и предуслов за достоинствен живот, тогаш имаме сериозен општествен проблем. Домувањето е основно човеково право, а актуелните политики го претвораат во привилегија достапна за мал број луѓе“, рече Мециновиќ.
Тој нагласи дека во државата постојат стотици илјади празни станбени единици, додека младите семејства се соочуваат со сè потежок пристап до сопствено живеалиште.
Според него, сегашната состојба е последица на долгогодишно фаворизирање на интересите на градежниот сектор наспроти интересите на граѓаните. Посебно го истакна проблемот со продажбата на станови во изградба, при што купувачите однапред плаќаат значителни суми, а потоа со години чекаат да ги добијат своите станови.
„Граѓаните плаќаат аванси, отплаќаат кредити и истовремено плаќаат кирија, додека инвеститорите ги користат тие средства без соодветен надзор. Неопходни се механизми за нивна заштита“, истакна пратеникот.
Мециновиќ побара од Министерството за транспорт да одговори дали се води евиденција за становите што се продаваат пред изградба, колку случаи има на пробивање на роковите и каква заштита имаат граѓаните во таквите ситуации.
Тој посочи дека во повеќе европски држави постојат модели за социјално домување, контрола на кириите и дополнителна заштита на купувачите, додека во Македонија, како што рече, недостигаат конкретни политики за справување со станбените проблеми.
На крајот, Мециновиќ оцени дека Владата треба да понуди конкретни мерки за достапно домување, намалување на финансискиот товар за купувачите и подобра заштита на граѓаните при купување недвижности објави Скопје1.мк






