Мециновиќ: Скопје мора да се ослободи од политичките пранги и да се развива во интерес на граѓаните

Во гостување на Сител телевизија, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, истакна дека во изминатите 24 часа му се приклучуваат активисти кои се видни во своето поле на интерес во Град Скопје, експерти кои веќе го формираат нивниот тим кој ќе биде составен од луѓе кои работат во самите претпријатија, како и луѓе кои се експерти во својата фела, стои во соопштението на Левица, што МИА го пренесува интегрално.

„Над овие луѓе кои се креативниот потенцијал на Скопје само треба да се тргнат политичките пранги и политичкиот притисок, за да можат да дишат и да функционираат и да создаваат прилики кои можат, а тоа се приликите кои им се потребни на нашиот град“ – кажа Мециновиќ.

Тој нагласи дека целта во наредните два месеци е создавање на движење кое ќе биде повеќе од еден човек и повеќе од една партија – движење на сите оние на кои им е доста да живеат во град заложник на интересите на малкумина.

Мециновиќ потсети на своето искуство како советник во Град Скопје:
„Во тие три години увидов дека единственото нешто што беше константа е приватниот интерес на раководствата на партиите кои го имаа менувано кормилото. Ако проблемите се решаваа уште од 2022 година, кога укажувавме на состојбата со јавниот превоз на пример, денес немаше да бидеме во оваа ситуација.“

„Нашата поента не е да се претставиме како сезнајковци, затоа што обично во Македонија политичарите се „перфектни“, тие имаат исполнето, не знам, мојот противкандидат имаше исполнето 170 проценти од неговата програма, зашто се „совршените луѓе“. Не, апсолутно не. Нашата поента е да пружиме платформа на јавен интерес, со која ќе може да се поистоветат сите граѓани со кои ги делиме истите проблеми во скопското секојдневие“ – изјави Мециновиќ.

Според него, мора да престанат да се деградираат услуги кои ги дава Градот: „Зошто да даваат концесии за паркинг на трговски центри, кога ние имаме свое претпријатие, Градски паркинг. Скопско претпријатие. На кого тоа Советот му дава конкуренција?! На претприетието кое го има основано?! Пред сѐ, треба да прекине да се раситнува капацитетот на град Скопје.“ – порача Мециновиќ.

Мециновиќ се наврати на личниот и генерацискиот однос кон Скопје:

„Кога растев, верувам дека тоа и многу Скопјани го делат, мислам дека има една фаза во тинејџерството кога се заљубуваме во градот, сметаме дека Скопје е најубавиот град на светот затоа што формираме некои клучни мемории,  убави моменти. Ама како поминуваат годините, потоа полека тој сјај во однос на сопствениот град како да ни се губи во очите и доаѓаме до момент каде што имаме презир кон сопствениот град. И јас мислам дека одговорот е очигледен: Луѓе, ова не треба и не мора да биде вака, затоа што ние можеме да излеземе секаде и да увидиме дека градовите се развиваат, тие ги окрупнуваат своите услуги, ги реобмислуваат своите модели на функционирање, а во Скопје само се деградираат работите. Така што, мислам дека со доза на љубовта која ја имаме кон она што Скопје било, но со уште повеќе ентузијазам и визија за тоа што сакаме Скопје да бидеме сега, треба да создадеме едно наше, ново Скопје кое ќе биде функционално“ – кажа кандидатот за градоначалник на главниот град.

Тој главно се осврна на градскиот превоз и меѓудругото посочи дека во 2025 година е недозволиво Скопје да има вакви проблеми со јавниот превоз:
„Постојат методи на јавен превоз кои се користат веќе 150-200 години во светот. Не сме на почетокот на 20 век, сега е 2025 година. Скопје може да си ги приушти и да ги направи тие клучни потези кои ќе ги зборуваме понатаму за алтернативен јавен превоз, но пред сѐ треба да се почне со набавка на нови автобуси и нов ГУП“ – истакна тој.

Во однос на неговите противкандидати, Мециновиќ изјави: „Јас немам ништо против луѓето кои се мои противкандидати во оваа трка, но имам против платформата на која тие ќе настапат, а тоа е платформата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Јас застапувам платформа која е спротивна на нивната… нивната платформа која сѐ повеќе граѓани не ја прифаќаат како платформа која може да ги претставува нивните интереси. Ние се поставуваме против сите погубни политики кои го имаат владеено овој град.“

Back to top button
Close