Мецола со поддршка до демонстрантите во Иран: Нема затвор, закана и солзавец што ќе ја потисне желбата за слобода
Светот повторно е сведок на тоа како храбриот ирански народ го крева својот глас за достоинство, слобода, право на избор на начинот на живеење и да избира кој ќе го управува, порача претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, по повод новиот бран протести во Иран.

– Луѓето од Европа гледаат што се случува на улиците, во срцата и умовите на народот на Иран. Знаеме за промената што е во тек. Тоа е генерацијата на Џина Махса Амини, која ги отфрла ограничувањата на насилната теократија, што сè уште владее со секој аспект од нивниот живот. Генерација што сака да ги откорне оковите на угнетувањето што предолго ги држат во синџири, наведе Мецола во видео порака.
Претседателката на ЕП порача дека таа генерација се спротивставува на суровоста на режимот фокусиран на самоодржување, а не на права и таа разбира дека во слободниот Иран нема место за затворање и тепање поради политички убедувања.
– Народот на Иран не протестира, туку повикува. Европа го слуша, светот го слуша и тие повици ќе станат погласни. Ако има едно нешто што историјата ја научи Европа, тоа е дека знаеме оти не постои затвор, закана и канистери со солзавец што може да ја потиснат вродената желба за слобода што сите ја чувствуваме како човечки суштества, рече Мецола.
Таа му порача на иранскиот народ дека неговата гордост, достоинство и решеност „да изгради голема слободна нација“ ќе инспирира генерации, како во Иран, така и во светот.- Европа отсекогаш стоела покрај вас и секогаш ќе нè најдете таму со вас, додаде Мецола во пораката.
На пораката на Мецола, реагираше Мисијата на Иран при ЕУ, оценувајќи дека станува збор за „одвратно лицемерство“
– Недвосмислено ги отфрламе интервенционистичките изјави на европратениците, вклучително и на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во однос на внатрешните работи на Иран. Нивното лицемерие и двојни стандарди во пристапот кон правата и принципите е одвратно, се наведува во реакцијата на Иранската мисија на Икс.
Во објавата се посочува дека истите оние кои молчеа за геноцидот во Газа и убивањето стотици Иранци за време на израелските напади, сега се обидуваат „да шират искривени извештаи за мирните протести во Иран и да леат крокодилски солзи за правата на иранскиот народ поттикнати од непријателски цели“.






