Медиуми: Жесток телефонски разговор меѓу Трамп и Нетанјаху

Претседателот на САД, Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според медиумски извештаи, во разговор се судриле во врска со натамошниот пристап кон Иран. Причината биле различните ставови за тоа како да се постапи со нов предлог за завршување на војната со Иран, пренесуваат порталот „Aксиос“ и „Волстрит журнал“, повикувајќи се на неименувани извори.

Еден од изворите за „Аксиос“ изјавил дека Нетанјаху бил вознемирен по разговорот во вторникот (19.05) и дека бил под силен притисок. Катар и Пакистан, заедно со други партнери, според истите извештаи, доставиле ревидиран мировен предлог со цел да се надминат разликите меѓу САД и Иран.

По новите закани, Трамп изјави дека ќе одложи евентуален нов напад врз Иран – со образложение дека се водат сериозни преговори. Тој зборуваше за позитивен развој на настаните. Нетанјаху, според медиумските извештаи, скептично гледа на преговорите и сака да ја продолжи војната започната кон крајот на февруари, со цел дополнително да ги ослаби воените капацитети на Иран.

Во средата, Трамп го опиша Нетанјаху пред новинарите како „многу добар човек“ и рече: „Тој ќе направи сè што ќе побарам од него“. Американскиот претседател исто така нагласи дека, во однос на Иран, ситуацијата се наоѓа во завршна фаза. „Ќе видиме што ќе се случи. Или ќе постигнеме договор, или ќе преземеме некои мерки што се малку непријатни, но се надевам дека нема да дојде до тоа“, изјави тој. (DW)

Back to top button
Close