Медиумите да не известуваат за родово-базираното насилство како за изолирани инциденти, овој проблем да се третира перманентно

За проблемите поврзани со родово-базирано насилство медиумите не треба да известуваат како за изолирани инциденти. Новинарите треба да истражат и разоткријат основните причини, како и да ги разобличат штетните општествени норми. Ова се дел од препораки содржани во анализата „Етичко известување за родово-базирано насилство во РСМ: Анализа и практични препораки во медиумите“, презентирани денеска на брифинг со новинарите.

Авторките на анализата, д-р Марина Тунева и д-р Наташа Бошкова, посочија дека медиумите се важни во подигнувањето на свеста и едукација на јавноста за родово-базирано насилство и оти тие имаат мошне важна улога во сензибилизација на граѓаните околу овој проблем.

Целта на анализата е да се прикаже на кој начин медиумите информираат за случаите на родово-базирано насилство врз жените, изразено преку неговите различни форми и тоа: силување, сексуално насилство, вклучувајќи го и сексуалното вознемирување, психолошко и физичко насилство, како и демнење како нова форма препознаена со последните дополнувања на законската рамка за превенција и заштита од насилство.

-Од медиумите се очекува да го препознаат родово-базираното насилство како проблем што треба да се адресира и на соодветен начин да и го објаснат на публиката. Се препорачува да подготвуваат поголем број содржини со кои практично жртвите на родово-базирано насилство ќе бидат охрабрени да го пријават проблемот во соодветните институции, беше истакнато на брифингот.

Со тоа, посочуваат, ќе придонесат не само во подигнувањето на свеста и едукацијата, туку и во разобличувањето на стереотипите, разоткривањето на мотивите што стојат зад таквото насилство и промовирањето точни и вистинити информации.

Натаму, беше нагласено дека темата за родово-базирано насилство не е приоритет во информирањето и оти најголем дел од соговорниците сметаат дека причината за тоа е што во медиумите доминираат дневно-политичките случувања.

-Недостиг на ресурси, мал број вработени. Недостиг на соодветна едукација и вештини. Отсуство на извори на информации со оглед на тоа што неретко жртвите на родово-базирано насилство не сакаат да зборуваат јавно. Уредниците и новинарите реагираат и дека недостигаат стручни извори за оваа тема, а недостигаат и разговори за унапредување на колегиумот, слушање на гласот на помладите новинари во редакцијата, се наведува во анализата.

Се нагласува и оти постои отсуство, волја и интерес да се известува за овие теми, а како проблем што се посочува, понекогаш е несензибилизираноста на машката популација што е врвот медиумите во однос на овие теми.

-Потребни се промени и во уредувачката политика – на уредниците им се препорачува да овомзожат овој проблем да се третира перманентно, и тоа не само во вестите, туку и во дебатните емисии, како и во емисиите за забава и едукација. Се препорачува вклученост на медиумите и во кампањи со кои ќе се упати повик за пријавување на овој проблем, стои во препораките за медиумското информирање за родово-базираното насилство.

Натаму, авторките наведуваат и оти информирањето за оваа проблематика е штуро, отсуствува континуитет и целосна слика за проблемот, што значи дека сториите за родово-базирано насилство немаат континуитет, а темите не се следат од почеток до крај.

Се нагласува и дека неретко за темите се известува кога ќе се актуелизира некои прашање на социјалните мрежи, по што темата опстојува во етер кратко време и потоа се заборава.

Во анализата се посочува и дека социјалните мрежи влијаат штетно врз информирањето, тоа значи дека преку нив се генерираат многу погрешни информации, па дури и говор на омраза.

-Преживеаните од родово-базирано насилство таму неретко се соочуваат со закани или коментари со кои што се обвинувани, што може да ги обесхрабри да ги споделат своите приказни или да бараат правда преку медиумите. На повие мрежи се појавуваат доста сензационалистички содржини. Меѓу најчесто посочуваните проблематични појави во информирањето на родово-базираното насилство е сензационализмот. Се упатува и на потребата да се внимава кога се пренесуваат ставови на сооворници коишо се дискриминаторски или содржат говор на омраза, се наведува во препораките до медиумите.

Медиумите треба и исклучително да внимаваат и да не го претстават идентитетот на тие што преживеале родово-базирано насилство, а новинарите и уредниците да укажуваат и на поребата да се внимава на речникот што се користи во информирањето за родово-базирано насилство и да се избегнуваат сензационалистички изрази.

Новинарите, е нагласено, треба да ги следат случаите на родово-базирано насилство, текот на правните постапки, истрагата и заложбите за борба против неказнивоста. Освен тоа, тие треба да ги расвтетлат предизвиците со кои се соочуваат преживеаните во пристапот до правосудниот систем.

Меѓу препораките е и да се почитува приватноста на преживеаните и нивните најблиски, односно медиумите мора да дадат приоритет на доверливоста, сигурноста, безбедноста и заштитата од повреда на жените кои преживеале насилство.

Back to top button
Close