Медиумите и фемицидот: Известување под нивото на задачата

Во информирањето за случаите на фемициди и родово базирано насилство недостига длабинско и аналитичко новинарство. Медиумите често и самите продуцираат стереотипи

Македонските медиуми имаат релативно низок капацитет да го препознаат фемицидот, а понекогаш и немаат доволно свесност дека и самите продуцирааат стереотипи, предрасуди и дискриминаторни практики во информирањето околу фемицидот или родово базираното насилство.

Ваквиот став на медиумски и експерти за прашањата на родово базираното насилство, го потврдуваат голем број несоодветни наслови кои сведочат за таблоиден и сензационалистички јазик, за медиумски содржини лишени од професионален и етички кодекс, за отсуство на длабинска анализа на случаите и за присуство на желба за што повеќе кликови.

 

Каде е проблемот?

„Знам дека досега е доста вложено во обуки на новинари за известување за родово базирано насилство и фемициди. Еден од проблемите, кој ми бил посочен од новинари, е недостиг на кадровски капацитет во редакциите, поради што често се прибегнува кон „копи пејст“ на соопштенијата од МВР“, вели Ирена Цветковиќ, доктор од областа на родовите студии и извршна директорка во Коалицијата Маргини.

„Она што недостига е длабока новинарска анализа, бидејќи случаите на фемицид се прилично компликувани и бараат многу истражување. А за да се направи тоа, треба да се знае како функционира системот за заштита од родово базирано насилство, за да се провери – што правеле институциите пред да се случи последниот акт? Најголем дел од фемицидите кај нас имаат историја на насилство и на затајување на пријавите во институциите. Но, ако новинарите не го познаваат системот, не знаат ни од каде да тргнат. Можеби постои и мислење дека сѐ се случува во четири ѕида и дека таму завршува, па затоа не се бараат причините. Но, тие случаи не завршуваат само во четири ѕида, жртвите пријавуваат, бараат помош“, вели Цветковиќ.

Ставот дека македонските медиуми немаат доволно познавања кои се надлежни институции и кои се нивните овластувања, како и мерките што можат да ги преземат, го дели и директорката на Хелсиншкиот комитет на РСМ, Уранија Пировска. Тоа незнаење води во слепа улица – медиумите да не ја земаат предвид улогата на институциите во превенирање и заштита од родово базирано насилство и фемицид.

„Ова делумно се должи и на неагилноста и невидливоста на институциите од аспект на преземени мерки, но и на недовербата на граѓаните во нив. Многу често жртвите прво се обраќаат до нас и бараат наша асистенција пред институциите каде што треба да го пријават делото. Притоа, кога ќе се случи фемицид многу ретко се дава некакво објаснување или било какво произнесување од страна на институциите. Најчесто граѓанските организации се тие што зборуваат за овие дела во јавноста, и ги насочуваат граѓаните – што можат да сторат за своја заштита“, укажува Пировска.

 

На помош и Прирачник

Токму граѓански организации се обиделе и да им помогнат на медиумите во заложбите за професионално информирање околу овие прашања. Така, пред речиси две години е изработен „Прирачник за родово сензитивно известување“, во рамки на проект што го реализира организацијата ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, во партнерство со Коалиција Маргини и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Марина Тунева и Ана Аврамоска Нушкова се авторки на Прирачникот, за кој, веруваат дека ќе наиде на широка примена од медиумските професионалци, но и на сите оние кои работат во областа на родово базираното насилство. Со Прирачникот на новинарите им се овозможува да се запознаат со соодветната терминологија, со надлежните институции кои се задолжени да постапуваат во однос на родово базираното насилство, како и со препораките и принципите за професионално и етичко информирање за овие теми.

„Начинот на којшто медиумите известуваат за фемицидот е од суштинско значење за соодветно информирање на публиката“, вели едната од авторките на Прирачникот, проф. д-р Марина Тунева, медиумски експерт.

„Неретко, ќе забележиме дека за фемицидите се известува како за изолирани инциденти, без да се фрли светло врз причините, последиците, а и решенијата на проблемот. За жал, мал е бројот на медиумите коишто ги отвораат или даваат одговор на овие прашања и обезбедуваат соодветен контекст при информирањето за фемицидот. Најзагрижувачки е што оваа тема не се наоѓа на редовната ‘агенда’ на медиумското известување, што доколку би било случај би овозможило медиумите да имаат превентивна, а и едукативна улога во однос на овој проблем. Нашата порака е јасна порака – дека родовата чувствителност треба да биде приоритет во известувањето на медиумите, доколку сакаат да ги искоренат длабоко вкоренетите пристрасности што може да имаат долготрајни и разорни ефекти во општеството“, посочува Тунева.

По издавањето на Прирачникот, биле забележани одредени подобрувања во известувањето, но според Тунева, сепак прашањата за родово базирано насилство и фемицидите сѐ уште го немаат достигнато степенот на видливост, којшто е неопходен во општеството.

„И покрај тоа што се забележува тенденција на постепени подобрувања кај дел од медиумите во однос на информирањето за овој проблем, сепак насилството недоволно се претставува како дел од поголемите општествени аномалии предизвикани од вкоренетата родова нееднаквост. Ваквите прашања го немаат степенот на видливост којшто е неопходен, за да се овозможи токму медиумите да имаат простор каде што ќе се преиспитуваат доминантните ставови и верувања на поединци во општеството. Понекогаш и не постои доволно свесност дека медиумите самите продуцирааат стереотипи, предрасуди, а и дискриминаторни практики во информирањето околу фемицидот или родово базираното насилство. Притоа штетните влијанија се големи, а пред сè, се замаглуваат причините за родово базираното насилство. На пример, конструкциите од типот ‘насилство од група на мажи’ или ‘насилство кон сексуални работници’ водат до креирање штетни стереотипи за некои од најмаргинализираните групи жени. Слично на тоа, конструкциите од типот ‘злосторство од страст’ или ‘љубомора’ само дополнително ги поткрепуваат митовите за причините околу насилството“, посочува Тунева.

 

Устоличување на стереотипи

Она што „боде очи“ во медиумските известувања е и неупотребувањето на родово сензитивен јазик, што пак води кон устоличување на предрасуди и родови стереотипи за инфериорноста на жената во општеството.

„Во информирањето постои отпор кон политички коректни термини“ забележува Цветковиќ.

„Се избегнува употребата на зборот ‘силување“, се употребува ‘обљуба’. Или зборот убиство за случај на фемицид. Убиство е едно, фемицид е друго. Жена може да биде убиена и во сообраќајна несреќа. Фемицид е убивање на жена затоа што е жена. Мора да ги користиме вистинските зборови. Во спротивно несоодветните термини ќе перпетуираат стеротипи, и несвесно ќе произведуваат алиби од типот ‘многу ја сакал, ја убил зашто не можел да ја гледа со друг’“, објаснува Цветковиќ.

Ако професионалното медиумско известување е клучна алка во подигањето на општествена свест, непрофесионалното укажува укажува на ниско ниво на извршување на превентивната функција за подигање на таа свест. И така се создава еден маѓепсан круг, во кој нештата тапкаат во место, само бројот на жртви расте. За превентивната функција одговорност имаат и цел синџир надлежни институции, но праксата открива дека таа можност често е пропуштена.

„Постои нешто што се нарекува „должно внимание“ (due diligence)“, потенцира Цветковиќ.

Станува збор за принцип на меѓународното право, што на земјите им дава мандат да постапуваат со должно внимание при превенцијата и водењето истраги за повреда на човековите права, при пружањето заштита за жртвите, казнувањето на сторителите и обезбедувањето надомест за жртвите на повреда на човековите права

„Тој принцип на меѓународното право не го знаат многу. Законска обврска е да се постапи со должно внимание во секој случај. Тоа не се прави. А кога има случај, кога се пријавувало насилство со години наназад и ништо не било преземено, тогаш е прекршен принципот на должно внимание и државата може да одговара пред меѓународни судови“, вели Цветковиќ.

„Во еден од случаите кои ги мониторираше Хелсиншкиот комитет, во кој жена во самоодбрана го уби својот партнер, и покрај тоа што во полицијата никогаш не била евидентирана пријава за насилство, во текот на судењето беше утврдено дека жената била долго време жртва на физичко и психолошко насилство од страна на партнерот. Всушност, во полицијата во неколку наврати насилството било пријавувано од страна на роднини на жртвата и соседите, но полицијата никогаш не го регистрирала насилството и не постапувала, бидејќи сторителот работел во полицијата. Во овој случај жртвата на насилство многу лесно можела да стане жртва на фемицид, особено доколку не успеала да се одбрани“, објаснува Пировска.

Оттука, особено важно е медиумите да истражуваат и навреме да известуваат – што прават надлежните институции во сферата на превентивата? Такво прашање отпосле, откако ќе се случи насилство или фемицид, е потврда за медиумско и институционално бездејствие.

Според Тунева, покрај точното претставување на фемицидот од страна на медиумите, многу важно е и граѓаните да реагираат кога ќе забележат случаи на непрофесионално информирање во медиумите за фемидицидот и родово базираното насилство.

„Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) е саморегулаторно тело во коешто се пријавувале случаи на неетичко, па и дискриминаторно информирање во медиумите кога станува збор за родово базираното насилство. Сепак, сметам дека сè уште постои недоволна свесност околу димензиите на овој проблем. Оттука, неопходна е меѓусекторска соработка заради зајакнување на јавната свест околу овие проблеми и, секако, за нивно соодветно адресирање од институциите на системот, во соработка со граѓанскиот сектор и образовниот систем“, вели Тунева, која е и поранешна извршна директорка на СЕММ.

 

Битка за кликови и профит

Состојбите во Северна Македонија не се рaзликуваат многу од состојбите за ова прашање во другите земји од западен Балкан – и во однос на препознавањето на фемицидот, и во однос на известувањето. Во Србија во 2022 година биле убиени 26 жени, а само од почетокот на годинава 8, што беше повод за голем протест кон крајот на февруари. Групата „Новинарките против насилството врз жените“ изработила Насоки за медиумско известување за насилство кон жените, кое треба да им помогне во професионалното известување на печатените, електронски и дигитални медиуми. Но резултатите сѐ уште не се видливи.

„Ние всушност не го знаеме точниот број на фемициди. Наместо да постои надлежно тело што ќе го следи тоа, таа улога ја имаат женските организации Фемплац и Автономниот женски центар“, вели за РСЕ, Нaташа Еленков од организацијата Женска солидарност.

„Kога зборуваме за бројот на фемициди, за жал, секогаш зборуваме за најмалиот можен број, бидејќи тој број го добиваме низ медиумското известување кое често не е во склад со новинарските стандарди, ниту ги следи насоките на „Новинарките против насилството врз жените”, за тоа како да се известува во случај на фемицид. Една од причините поради кои ни се чини дека бројот на фемициди е зголемен, е тоа што медиумите сѐ повеќе го следат ова прашање. Важно е да се нагласи дека медиумите, чест на исклучоците, тоа не го прават заради сензибилизирање на јавноста и не како сојузници на жените, туку тоа е само еден од начините ова чувствително прашање да се пренесе таблоидно, што ќе донесе кликови и профит. Прашањето е – зошто се зголемил бројот на фемициди, и покрај тоа што медиумите сѐ повеќе го следат ова прашање, а и организациите имаат фокус на бројот на фемициди? Причината може да биде во лошата проценка на институциите за безбедносниот ризик во кој се наоѓа жената – полицијата, центрите за социјална работа, обвинителствата, судовите”, вели Еленков.

Низ кампања насловена „Која е следната“, организацијата „Фемплац“ ќе бара во Србија да се формира независно тело за борба против фемицид, унапредување на работата на институциите, подобрување на системот за заштита на жените од насилство и обезбедување на податоци за сите случаи на фемицид кои ќе и бидат достапни на јавноста.

 

Неславно трето место

Спoред хрватските медиуми кои се повикуваат на официјални податоци, во последните 20 години во Хрватска биле убиени 400 жени, и овој податок ја рангира земјата на трето место во ЕУ. Иако по секој нов случај се апелирало што побрзо да се донесе национална стратегија за сузбивање и превенција на фемицид, хрватскиот закон сѐ уште не познава фемицид. Во тек се советувања околу измени на Кривичниот закон, Законот за заштита од семејно насилство, Законот за судовите, се анализираат Правилникот за начинот на спроведување на мерките за претпазливост и Правилникот за начинот на спроведување на индивидуална проценка на жртвите. Се планира едукација и специјализирање на судии за предмети за семејно насилство и насилство врз жени.

Состојбата не е подобра ни во БиХ. Во текот на минатата година граѓаните на улиците поставувале „посмртници“, со кои се обидувале да ја алармираат јавноста и да го свртат вниманието кон фемицидот. На нив било наведено дека две од три убиени жени на возраст од 6 дo 63 години биле убиени од нивните актуелни партнери или поранешни партнери и сопрузи, од кои имало и многу што претходно биле осудувани за семејно насилство или насилничко однесување кон жени. Делата не се квалификуваат како фемицид, односно убиство на жена затоа што е жена, извршено од маж, мотивирано со омраза и чувство на надмоќ, бидејќи тој термин не бил правно дефиниран во правосудството на БиХ.

Ни кривичниот закон на Црна Гора не ја познава категоријата фемицид. В.д. врховната државна обвинителка, Маја Јовановиќ, за „Вјести“ изјавила дека поради сфаќањето на сериозноста на проблемот кој е присутен во традиционално општество, какво што е црногорското, на раководителите на сите обвинителства им обрнала внимание дека треба да постапуваат со зголемен сензибилитет во таквите случаи.

Во РСМ, со измените и дополнувањата на Кривичниот законик усвоени годинава, се препознава и дефинира родово базираното насилство, а во кривичното дело убиство како квалификаторен облик се предвидува лишувањето од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, што придонесува за препознавање на фемицидите како најтежок облик на родово базирано насилство.

Извор: Дв

Back to top button
Close