Меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер“: Наградата за животно дело, постхумно, доделена на Петко Шипинкароски

Во амбиентот на конаците на манастирот  “Св. Илија”, над селото Велгошти – родното место на неповторливиот Живко Чинго и од каде пука величенствен погледц кон Охрид и Охридското Езеро, постхумно, му е доделена Наградата за животно дело на Петко Шипинкаровски, поет, романсиер, член на ДПМ и Македонското научно друштво во Битола, главен и одговорен уредник на литературното списание “Бранувања”, основач и догогошен ракoводител на манифестацијата “Струшки книжевни средби”.

Признанието го прими неговиот син Димче Шипинкароски, кој искажа огромна благодарност кон поетите Митре Мангоски Радождански, Мирко Томоски и останатите членови, организатори на Меѓународна манифестација „Охридски поетски бисер“.

-Кога ми ја врачија наградата, за прв пат останав без зборови. Замислете јас да немам зборови! Да и тоа се случувало!  Наградата за животно дело не е моја, а ми значеше многу повеќе од моја, а знаете зошто? Затоа што тој и понатаму ЖИВЕЕ! Да, да, знаете, ТОЈ живее!  Живее во неговите дела! Живее во моите мисли, живее во мислите на сите негови пријатели. Живее затоа што тој остави многу, многу  зад себе, рече Шипинкароски. 

Реч за Петко Шипинкароски одржа Анастас Ќушкоски, хроничар на Вевчани, познат деец во визуелната уметност, посебно фотографијата. Зад него стојат многу изложби во земјата и надвор.

-Петко беше трпелив и работлив човек, исто, како и неговите пчели.Тие во медот, тој во писанијата.Вешт наратор кој мошне успешно го проткајуваше старото со новото време и испишуваше една несекојдневна хроника, автентичен летопис, мал времеплов, сведоштво и документ. За него е речено дека е продолжувач на делото на Стале Попов, исто како него,од Мариово.Врз урнатините на едно време, тој ни ја враќаше илузијата на тој живот, настаните, ликовите,човечките судбини, фолклорот и што е најважно – јазикот наш насушен, со сите негови архаизми  и специфики, за да можат идните генерации да зирнат во сопствените корени, потенцираше Ќушкоски.

Веле Митаноски

Back to top button
Close