Мега-паркот во Карпош: парк на хартија, пустина во реалноста

Во период кога Скопје повторно се соочува со загаден воздух, зелените површини не се естетски додаток, туку основна инфраструктура за јавно здравје. Парковите треба да бидат природни филтри што го ублажуваат загадувањето, простори што овозможуваат раздвижување, одмор и подобра микроклима. Наместо тоа, дел од проектите што беа најавувани како „зелени решенија“ денес сведочат за спротивното.

Еден од тие примери е мега-паркот во Карпош – проект што со години се најавуваше, промовираше и претставуваше како доказ за грижа за животната средина и квалитетот на живот. Низ различни мандати и со различни локални власти, овој простор беше симбол на „идната зелена оаза“ на општината. Денес, состојбата на терен ја доведува во прашање таа слика.
Наместо уреден парк, посетителите затекнуваат исушена трева, запуштен простор и отсуство на редовно одржување. Зеленилото што требаше да ја апсорбира прашината и да го подобри микроклиматот не ја исполнува ниту основната функција. Паркот постои повеќе како идеја и политичка најава отколку како жив јавен простор што секојдневно им служи на граѓаните.

Ова ја отвора темата за одговорноста. Дали по неговото најавување и делумна реализација бил предвиден јасен план и буџет за континуирана грижа? И ако бил предвиден, зошто резултатот денес е простор што изгледа оставен без внимание? Град Скопје не најде за сходно да одговори на овие прашања кои ги испративме на неколку адреси на одговорните, вклучувајќи ја и онаа на градоначалникот Орце Ѓоргиевски.
Проблемот со мега-паркот во Карпош не е изолиран случај, туку симптом на поширок однос кон јавниот простор. Зеленилото често се третира како проект за отворање и фотографирање, а не како систем што бара долгорочно одржување. Во град со хронично загадување, ваквиот пристап ја поништува и самата идеја за „зелени политики“.
ИЗВОР: TRN.MK






