Менталното здравје и работната средина

Мај е месец на менталното здравје. Ако знаеме дека отпприлика 70% од популацијата во една земја е работно ангажирано, благосостојбата на работното место каде oвие луѓе поминуваат значителен дел од денот, се рефлектира и врз општата благосостојба во една земја.

Според истражување на Еурофонд за работните услови и благосостојбата на работното место од 2021 г., 15% од учесниците од ЕУ одговориле дека доживуваат физички и емоционалнен burnout. Дека се чувствуваат истоштено одговориле 23%. Ако скоро една четвртина од вработените се чувствува истоштено, тие не се во менталлна кондиција да го дадат најдоброто од себе. Едноставно не се продуктивни.

Во истата анкета, 20 отсто од Македонците изјавиле дека доживуваат физички и емоционален брнаут. 10 отсто се чувствуваат истоштено.

Причините може да се многубројни и индивидуални. Но во една слична анкета спроведена од Европската агенција за безбедност и здравје (Occupational safety and health) испитаниците во стрес факторите во најголем дел, високи 46% изјавиле дека се под силен временски притисок. Вториот стрес фактор е неефикасна комуникација во организацијата, за која посведочиле 26 отсто, а третиот 18% недостигна автономија или пак недостиг од влијание во работниот процес.

Овие податоци отвораат причина на aнализа на два важни фактора:

Условите на работа и свеста на работодавецот за благосостојбата на работно место.

Личниот развој и грижата за себе на самиот поединец.

Условите на работа

Постои се поголема свест дека поголеми резултати се постигнуваат ако работата не се сведува на извршување на задачи, туку мотивирано извршување на задачи. Интринзичката мотивација која извира однатре е она што го нарекуваме порив, кога индивидуата сака да постигне нешто не поради страв од казна или заради награда, туку бидејќи гледа лична смисла во сето тоа.

Да се поттикне интринзичката мотивација, поединецот треба да се чувствува безбеден и ослободен од негативен стрес, што го предизвикува зголемениот кортизол.

Сите сме различни и убавината е во тоа што располагаме со различни ресурси кои би можеле да се ангажираат кон остварување на заеднички цели.

Некој е ориентиран кон детали, некој кој цели, некој сака да споделува и работи со луѓе, некој е повеќе индивидуалец. Некој сака промени, друг постојаност

Вештината на лидерството е сите овие различни профили на луѓе и стилови на работа да ги обедини кон заеднички цели. Притоа, луѓето да се чувствуваат убаво на работното место.

 

Како?

Потребата за припаѓање, потврда и почит се фундаментални психолошки потреби на луѓето. Ако луѓето на лидерски позиции умеат да ги адресираат овие потреби, да поттикнат атмосфера која ги промовира хуманите вредности. Тоа значи да ослободува простор да дојдат до израз силните страни на личноста, да има механизам за детекција на слабите алки и конфликт менаџмент, многу е поверојтно дека ќе успее работните средини да ги претвори во креативни заедници.

Хуманите вештини и развој на емоционалната интелигенција се клучни за градење такво лидерство. Фрустрирани лидери градат атмосфера која ќе произведе фрустрирани членови на тимот. Работата на себе и личниот раст ќе помогне се повеќе личноста да може да се прифати себе си, да ги прифати останатите и да се насочи кон обединување на креативниот потенцијал и ресурсите кон остварување на заедничките цели.

 

Личен раст

Лидерството има голема улога во градење на атмосферата и поволно тло за поттикнување благосостојба и ослободување на креативниот потенцијал. Но личната улога и одговорност на секој член на тимот е драгоцено камче од тој мозаик.

Се уште доминира трендот каде на интервјуата за работа оној кој бара работа е исправен како пред комисија каде треба да ги докаже своите потенцијали и да одлучи дали е задоволен со понудената пллата.

Добро е тоа да се менува кон се повисока свест за прашања поврзани со личната благосостојба. Прашања кои се релевантни за она што тој поединец ќе го испорача на работното место.

Среќата дека ќе ја добиете работата од соништата не значи дека ќе бидете среќни и мотивирани кога ќе почнете да ја работите работата од соништата.

Парите на пример, се репрезент на среќен живот, дека ќе можете да си дозволите многу работи кои фантазирате дека ќе ве направат среќни. Но емоцијата може да изостане во моментот кога ја очекувате. Бидејќи, како што Даниел Гилберт во книгата „Сопнувајќи се на среќата“ го објаснува преку низа истражувања, можеме да претпоставиме многу работи, но не можеме да предвидиме како ќе се чувствуваме во замислената иднина. Емоциите се чиста сегашност – телесна реакција на стимулусите однатре и однадвор.

Фантазијата за работа од соништата не претпоставува какво опкружување ќе имате, како ќе се позиционирате во тимската динамика, какво лидерство ќе има тимот. Конечно како ќе се чувствувате на работа.

Она пак што може човекот да го направи за личната благосостојба е воспоставување близок и негувачки контакт со себе. Да се прифати и разбере себе си за да може да ги прифати и разбере останатите. Да развива свесност за личните преференци, силни страни, стил на работа, своите потреби. Така ќе биде отворен и толерантен за потребите и на другите луѓе.

Ако работи во немир и стрес, не се чувствува потврден, се чувствува под притисок, свртен постојано да ги задоволи очекувањата на другите како потврда дека прави нешто „исправно“, тој функционира во модус на преживување.

Стресот не секогаш е негативен, некогаш производ на еуфорија и мотивираност е адреналинот кој не држи во ексцитација.

Но ако се работи за стрес кој е поврзан со негативни емоции, тој продуцира кортизол кој предизвикува анксиозност, несоница, истоштеност и води кон брнаут.

Во тој случај постојано е ексцитиран симпатикусот, а не и парасимпатикусот кој е надлежен за состојба на релаксација.

Затоа и тој баланс на работа и уживање е битен, за да може телото кое е „контролирано“ од симпатикусот, да може да премине во надлежност на парасимпатикусот, односно во состојба на релаксација.

 

 

Помогни му на телото за да ти врати со енергија за живот

За да го дадеме најдоброто од себе и мозокот да биде во модус на креација наместо на преживување, треба да има услови за тоа во смисла на подготвеност на организамот.

Покрај работа на личен развој, менталното здравје може да го поддржат мали дневни рутини на релаксација и поттикнување на хормоните на среќа.

Во денешно време на интензивна динамика, најчесто каскаме зад обврските кои се се поголеми и и мака мачиме со наоѓање слободно време за грижа за себе

Сепеак, креирањето на време за себе е чекор кон промоција на менталното здравје.

Ако надвор е сончево, кафето може да се испие на тераса, ако тоа не дозволуваат условите барем на прозор или на клупа на улица. Сончевата светлина стимулира серотонин.

Пешачење до работа ако некој не е во можност да одвои половина час за поинтензивна физичка активност. Физичката активност стимулира допамин и ендорфини, исто така хормони на среќата.

Разговор со колегите со кои имаме позитивна релација – позитивната социјална интеракција стимулира допамин.

Гушкање и телесен контакт со партнер, дете, миленик, стимулира уште еден хормон на среќата – окситоцин.

Животот е комплексен и за никого не е секогаш рамен и праволиниски. Контакт со себе, своите потреби, своите стремежи во кои гледаме смисла за нас, се оние чекори кои не водат блиску до благосостојба.

Но најважната е да постигнеме автономија, да сме свесни дека со моќта што ја носи правото на избор и слобода на одлучување можеме да се поставиме кон околностите кога веќе не можеме да ги промениме.

Ида Протугер – советник за личен развој и лидерство

 

Back to top button
Close