МЕПСО бара речиси двојно повисока тарифа за пренос на електричната енергија


Државниот оператор за пренос на елекрична енергија МЕПСО до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) доставил барање за зголемување на тарифата за пренос на електрична енерија за над 97 проценти.

Во барањето доставено до РКЕ на 16 октомври, МЕПСО предлага просечната тарифа за пренос на електрична енергија од јануари да се зголеми од сегашните 0,3018 на 0,5966 денари за киловатчас, односно за 97,68 проценти.

За следната година, компанијата бара регулиран приход од околу 3,39 милијарди денари, наспроти 1,88 милијарди денари одобрени за 2026 година. Истовремено, планираната количина електрична енергија на излез од преносната мрежа се намалува од 6,24 милијарди киловатчасови предвидени за оваа година на 5,68 милијарди киловатчасови.

Во однос на останатите енергетски компании, Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО не побарал промена на просечната тарифа за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, а Електродистрибуција нема наведено дали и каква промена во цената ќе бара затоа што сè уште не е завршена постапка за набавка на електрична енергија за покривање на загубите.

Back to top button
Close