Мерц го повика Иран веднаш да започне преговори со САД и Израел

Германскиот канцелар Фридрих Мерц го повика Иран веднаш да започне преговори со Соединетите Американски Држави и Израел со цел да се најде дипломатско решение за конфликтот, соопшти денеска портпаролот на германската Влада.

Тој рече дека Мерц „тесно ќе се координира“ со своите партнери од ЕУ и САД за понатамошните чекори во текот на денот.

Американскиот претседател Доналд Трамп рано изутрината соопшти дека САД синоќа нападнале три постројки за збогатување ураниум во Иран и дека сите три постројки се целосно уништени.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта ги повикаа сите страни на воздржаност и да се вратат на преговарачка маса. Британскиот премиер Кир Стармер го повика Иран да се врати на преговарачка маса и нагласи дека стабилноста во регионот останува приоритет.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во врска со американските воздушни напади врз три ирански нуклеарни објекти изјави дека постои „зголемен ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот“.

Back to top button
Close