Мерц и Штајнмаер отфрлаат репарации, Туск предупредува на еднострана акција

Полскиот премиер Доналд Туск денеска ја повика германската Влада што поскоро да обезбеди поддршка за преживеаните жртви на германската окупација на Полска за време на Втората светска војна.

– Побрзајте ако навистина сакате да го направите овој гест, порача Туск по средбата со канцеларот Фридрих Мерц во Берлин, во рамки на 17-тите германско-полски владини консултации.

Тој посочи дека бројот на преживеани жртви на нацистичката окупација постојано се намалува. Кога поранешниот канцелар Олаф Шолц ја даде оваа ветена поддршка во јули 2024 година, според Фондацијата за германско-полско помирување имало околу 60.000 живи жртви, а денес се околу 50.000.

– Ако наскоро не добиеме јасно и брзо објаснување, ќе размислам следната година Полска сама да ги покрие овие потреби, рече Туск, без да навлегува во детали.

Последиците од германската окупација на Полска се повторлива тема во односите меѓу двете земји.

Полска и натаму бара илјадници милијарди евра репарации за штетите направени во војната. Последното официјално барање беше во септември, при посетата на полскиот претседател Карол Навроцки на Берлин.

И Мерц и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ги отфрлија овие барања.

Back to top button
Close