Мерц предлага за Западен Балкан „иновативно решение“, за Украина – што поскоро во ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, предлага за Западен Балкан и Молдавија, ЕУ да „разгледа иновативни решенија“ додека за Украина – што е можно поскоро да добие место во институционалниот систем на ЕУ, како „придружна членка“, но без право на глас.

Според тој предлог, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Молдавија нема да добијат статус на придружни членки, (како предлогот за Украина), туку понизок статус на набљудувач во институциите на ЕУ.

Ова би можело да значи присуство на претставници од регионот на заеднички седници на Европската комисија или Европскиот парламент, како и поширок пристап до одредени програми на ЕУ и делови од единствениот пазар, но без политичката тежина што би ја имала украинската „придружна членка“.

Во писмото што го испрати до лидерите на Европската Унија, Мерц предлага модел според кој Киев би можел да учествува на состаноците на Европскиот совет и на министерските формати, да има право активно да учествува на состаноците, па дури и да има комесар без ресор и претставници-набљудувачи во Европскиот парламент, но без право на глас.

Идејата е веднаш да ѝ се даде на Украина политички видлива придобивка, додека формалниот процес на пристапување би течел паралелно, со континуирани реформи во области како што се владеењето на правото и правата на малцинствата.

„Немаме време за нови одложувања и сега е време храбро да продолжиме со интеграцијата на Украина во ЕУ, користејќи иновативни решенија“, напиша Мерц во писмо објавено од европските медиуми, кое го испрати до претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателот на Кипар, Никос Христодулидис, земјата што претседава со Советот на ЕУ.

На идејата Украина да добие некаков привилегиран статус се спротиставуваат од земјите собрани во неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“. Тие веруваат дека ова дополнително би го маргинализирало регионот, кој долго време е во „европската чекална“.

Претстојниот самит за Западен Балкан во Црна Гора би можел да покаже дали ЕУ навистина сака да го забрза проширувањето за целиот регион и дали истите правила ќе продолжат да важат за сите кандидати за членство во тој блок.

 

Back to top button
Close