Мерц: Разговори со Франција и Велика Британија за споделување нуклеарно оружје
Идниот германски канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека би сакал да разговара со Франција и Британија за споделување на нивното нуклеарно оружје во НАТО, но не како замена за американската нуклеарна заштита на Европа.
„Споделувањето на нуклеарното оружје е прашање за кое треба да разговараме… заедно мора да станеме посилни во нуклеарното одвраќање“, рече тој во интервју за радио Дојчландфунк.
Мерц нагласи дека треба да се разговара со двете земји, Франција и Британија, секогаш од перспектива на дополнување на американскиот нуклеарен штит.
Германија, поради своето минато од Втората светска војна, се обврза на ненуклеарен одбранбен систем во бројни меѓународни договори, но учествува во договорите за споделување на оружје во рамките на НАТО.
„Сакаме европска солидарност… но и Германија, се разбира, исто така има право да ја брани сопствената безбедност и поредок“, рече Мерц.
Тој повтори дека сака да ја формира владината коалиција до Велигден на 20 април.