Мерко го посине Црн Дрим со осветлување од 110 илјади евра

Реката Црн Дрим во Струга посине, а општина Струга на својата Фејсбук страница се пофали дека ова е дел од проектот за осветлување на речното корито на река Црн Дрим.

-Исполнувајќи ги сите архитектонски барања, осветлувањето на коритото се реализира во согласност со регулативата на нормативните технички стандарди. Проектот вклучува инсталација на арматура изработена од не’рѓосувачки челик, отпорна на корозија. Должината на коритото е 900 м., додека арматурата за осветлување беше поставена од двете страни на коритото со должина од 1800 м, соопштија во вторникот.

Охрид СОС пренесува статус од екологот и професор по биологија, Кирил Пржо, кој го критикува овој проект на општина Струга.

– Осветлувањето на речните води, го менува циркадијалниот ритам на живиот свет (се губи чуството за ден и ноќ). Дополнително осветлување го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите особено чуство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење, се вели во статусот.

Според достапните податоци од Бирото за јавни набавки договорот за осветлување на речното корито бил склучен во април и за тоа се потрошени 110 илјади евра.

За утре општината најавува официјален настан.

– Почитувани граѓани, инаугурацијата на проектот за осветлување на реката Црн Дрим ќе се одржи на 21.06.2021 година, понеделник – Ден на езерото!, соопштуваат од Општина Струга.

Back to top button
Close