МЕРМС: Стабилизирани цените на горивата, Владата спречи ценовен шок и ги заштити граѓаните и економијата

– Со одлукaта на Владата и постапувањето на надлежните институции се потврди клучната цел, спречено е поскапување на горивата и постигната е нивна стабилизација – соопшти денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерството истакна дека Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на нафтените деривати, која ќе важи од полноќ до следниот вторник, при што цените изнесуваат: моторен бензин „евросупер БС-95“ – 86,50 денари/литар, моторен бензин „евросупер БС-98“ – 88,50 денари/литар, дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 95,50 денари/литар, масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 92,00 денара/литар, „мазут М-1 НС“ – 47,610 денари/килограм.
– Со ова се потврдува дека навремената и прецизна интервенција на државата го прекина трендот на раст на цените, кој во спротивно ќе значеше значително поскапување за граѓаните и стопанството. Едноставно, спречивме поскапување, ја стабилизиравме цената и ги заштитивме граѓаните. Во услови на силен раст на цените на светските пазари во изминатиот период, Владата донесе клучна мерка – намалување на ДДВ за горивата од 18 отсто на 10 отсто. Оваа мерка, која ќе важи во наредните две недели со можност за продолжување, обезбеди директно намалување на цената за 6 до 7 денари од литар, како и спречување дополнителен ценовен удар – наведуваат од Министерството.
Според анализите, додаваат од таму, без интервенција, цената на бензините ќе се зголемеше за речиси 6,5 денари од литар, а дизелот за над 10 денари, што ќе предизвикаше сериозен притисок врз транспортот, услугите и цените на основните производи.
– Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања – од горивата до храната и услугите – нагласила министерката за енергетсика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Министерството нагласува дека изборот на мерката – намалување на ДДВ-то – е направен врз основа на нејзиниот директен и брз ефект врз крајната цена за разлика од други инструменти, кои бараат подолги процедури и имаат ограничен ефект.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, надоврзувајќи се на мерката од 13 март, со која компанијата „Окта“ овозможи попуст од 2 денара за литар дизел и за бензините за трговците, информира дека е во континуирана и интензивна комуникација со компанијата за можностите за дополнително зголемување на овој попуст.
– Имајќи предвид дека иницијалната мерка веќе создаде простор дел од олеснувањето да се пренесе кон крајните потрошувачи и придонесе за ублажување на ценовниот притисок, во тек се разговори за нов пакет-услови со кои би се постигнал уште посилен ефект врз стабилизацијата на цените на горивата, особено кај дизелот – се вели во соопштението. Од Министерството додаваат дека во таа насока се очекува дополнителен придонес и од малопродажните трговци со цел попустите во целост да се рефлектираат во цените за граѓаните. Паралелно, активно се работи и со сите економски оператори на пазарот, при што се очекува одговорно однесување и конкретни чекори за дополнително ублажување на ценовниот притисок.
– Во време на криза одговорноста е заедничка – и на државата и на компаниите – потенцирала Божиновска.
Министерката истакнала дека државата успешно се справува со предизвиците од глобалната енергетска криза предизвикана од воените случувања во Заливот, при што снабдувањето со горива се одвива непречено и без прекини. Таа нагласила дека е во постојана комуникација со ресорните министри од регионот, а сите надлежни институции се координираат редовно со цел навремена и ефикасна реакција на секоја новонастаната ситуација.
– Државните резерви се стабилни, пазарната инспекција врши засилени и редовни контроли, а според информациите, сите економски оператори располагаат со законски задолжителните петдневни резерви. Дополнително, непречено функционира и продуктоводот Скопје – Солун (ВАРДАКС), кој значително ја зајакнува сигурноста на снабдувањето и овозможува континуиран и стабилен дотур на горива на домашниот пазар – се вели во соопштението.
Министерството за енергетика, се додава во соопштението, континуирано ја следи состојбата на домашниот и на меѓународниот пазар и е подготвено да реагира навремено со дополнителни мерки, меѓу кои дополнително намалување на ДДВ-то, доколку е потребно, интервенции во трговските маржи, користење на државните резерви и други фискални и регулаторни инструменти во согласност со развојот на состојбата.
– Во овој момент Македонија останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, што дополнително ги потврдува ефикасноста на преземените мерки и стабилноста на енергетскиот систем. Министерството уверува дека приоритет остануваат заштитата на животниот стандард на граѓаните и стабилноста на економијата – се наведува во соопштението.






