МФ: Се зајакнува Финансиската инспекција за контрола на користење на јавните финансиски средства во јавниот сектор и од ЕУ фондовите

 Министерството за финансии преку финансиската инспекција во јавниот сектор поефикасно и поефективно ќе ја врши контролата на користењето на јавните финансиски средства кај субјектите од јавниот сектор и користењето на финасиските средства од ЕУ фондовите. Тоа го предвидува новото законско решение за финансиска инспекција во јавниот сектор што на предлог на МФ го усвои Владата на вчерашната седница.

Со новото законско решение, како што информираат од Министерството за финансии, се проширува основот за поведување финансиска инспекција и по службена должност, во случаи на допрен глас или по добиени сознанија за основано сомнение за сторена неправилност, недостиг и/или сомневање за кривично дело во финансиското управување со јавните средства, како и средствата на ЕУ фондовите кај субјектите на финансиската инспекција.

– Утврдено е дека нема да се спроведе финансиска инспекција во случај на поднесена анонимна пријава, со исклучок кога таа анонимна пријава ќе биде поткрепена со докази или има наводи за постоење на основано сомнение за неправилност, недостаток или сомневање за кривично дело во финансиското управување со јавните средства, како и средствата на ЕУ фондовите кај субјектите на финансиската инспекција, се вели во соопштението од МФ.

Новиот закон предвидува и воведување акти со кои се изрекуваат мерки на субјектот на финансиска инспекција за отстранување на неправилност или недостаток, прекинување на неправилност и враќање на средствата во буџетот.

– Меѓу позначајните измени е и зголемување на износот на глоба за раководителот на субјектот на финансиска инспекција, како и воведување нови прекршочни одредби за сторени прекршоци со незаконско користење на средствата на ЕУ фондовите и прекршоци сторени од физичко лице и одговорно лице во правно лице со оневозможување на спроведување на финансиската инспекција или непостапување по барањата на финансиската инспекција, стои во соопштението.

Потребата од носењето на новиот закон, посочуваат од МФ, е заради подобрување на ефикасноста и ефективноста на финансиската инспекција при вршење контрола на користењето на јавните финансиски средства кај субјектите од јавниот сектор и користењето на финансиските средства од ЕУ фондовите, како и за надминување на слабостите во постојната регулатива, констатирани при практичното спроведување на законот од страна на финансиската инспекција на Министерството за финансии.

Back to top button
Close