МФ: Стејт департментот оцени дека С Македонија ги исполнува критериумите за фискална транспарентност

Според Извештајот за фискална транспарентност за 2022 година на Стејт Департментот на САД, С Македонија е меѓу земјите кои ги исполнуваат нивните критериуми за фискална транспарентност, информираат од Министерството за финансии.

Во оценувањето се следат два аспекта – документите поврзани со националниот буџет, склучените договори и лиценците за концесии.

Извештајот прави евалуација на тоа дали владите ги објавуваат буџетските документи во јавноста, вклучително и расходите разложени по одделни буџетски корисници, како и приходите согласно нивните извори. Во оценката се вклучува и дали била извршена надворешна ревизија согласно меѓународните стандарди за независна ревизија на финансиските извештаи, како и дали истата е јавно достапна. Понатаму, се оценува дали процесот на доделување лиценци за концесии и владини договори е согласно законите и регулативата и дали тие се јавно достапни.

Преку фискалната транспарентност, се наведува во извештајот на Стејт Департментот, се информираат граѓаните како се трошат приходите од државните буџети и воедно се обезбедува отчетност кон граѓаните, како и доверба и економска одржливост, соопштуваат од Министерството.

Од Министерството за финансии појаснуваат дека во изминатите неколку години преземени се значајни чекори од страна на Владата за подигнување на фискалната транспарентност: воспоставени се повеќе механизми и алатки за подигнување на фискалната транспарентност, меѓу кои и Граѓанскиот буџет, платформата Отворени финансии, Календарот на даночни промени и Фискалниот бројач, кој на дневна основа дава приказ во приходите и расходите од страна на буџетот, реализацијата на капиталните расходи и месечно на реализацијата на државниот долг.

Со новите системски законски решенија, како Законот за буџет и измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, понатаму ќе се унапредува фискалната транспарентност во земјава, велат од Министерството за финансии

Back to top button
Close