МИА на Кипар: Животот во Лимасол продолжува нормално, без страв по нападот со дрон врз британски воени бази
– Можеби впечатокот е дека ситуацијата во Република Кипар е тензична, но во градот Лимасол, иако е во непосредна близина на британските воени бази, каде што ноќта меѓу неделата и понеделникот беше извршен напад со беспилотно летало, животот продолжува да се одвива нормално, безбедно и без стреав, како што велат жителите со кои поразговара дописничката на МИА.

Лимасол е вториот по големина град на Кипар, сместен на јужниот брег на островот, познат е по туризмот и плажите, претставува важен економски и бизнис центар, со најголемо пристаниште во земјата, а се наоѓа на само 20 километри од британските воени бази во областа Акротири.

– Никој не е во засолништа, никој не седи дома, животот си тече нормално. Еве можете да видите, вели млад жител на градот.
И навистина, мала прошетка по патеката на брегот на морето, ги потврдува овие тврдења: претпладневен џогинг, велосипеди или прошетка за релаксација, а на прашањето дали чувствуваат страв или загриженост, поголемиот дел одговараат негативно.

– Видете, чувствувам страв само затоа што во наша непосредна близина има војна. Дека нешто ќе се случи овде на Кипар, мислам дека е речиси невозможно. Дојдени се да помогнат воени бродови, воени авиони од други земји. Сепак, не можам да кажам дека сум целосно опуштена, бидејќи имам три мали деца, вели жителка на Лимасол.
Туризмот е важна гранка за градот, а според официјалните податоци за 2024 година, од вкупниот број туристи, 12,4 отсто престојувале токму во Лимасол.

Со оглед на тоа што сезоната се очекува наскоро и официјално да започне, стравувањата се дека можно е, поради ситуацијата да имаат и откажување на резервациите, особено за Велигден.
Засега, вработените во хотелите велат дека откажувањата се минимални и изразуваат надеж, но и желба, дека сѐ набргу ќе се заврши.

Од нападот со беспилотното летало врз британските воени бази и пресретнатите две беспилотни летала во понеделникот, до сомнителниот објект во воздушниот простори во близина на Либан вчера, животот на Кипраните и странски државјани кои живеат на островот, можеби нормално продолжува со нивните секојдневни активности, но сепак, новонастанатата ситуација веќе неколку дена „влезе“ во нивните животи.

Кипарската Влада соопшти мерки за лична заштита, доколку биде потребно, им препорача на граѓаните да имаат подготвен ранец со неопходни работи меѓу кои вода, свирче, батерии, топла облека, сува храна, пари, кутија за прва помош, лекови итн, лансирана е специјална мобилна апликација со мапа и локација на најблиските засолништа, а вчера тестираше и информирање на жителите преку смс пораки.
Доцна синоќа активирани сирените во делот на британските воени бази – не била пронајдена некаква закана
Во областа Акротири кај британските воени бази, доцна синоќа одново се активираа сирените, кои според кипарските медиуми биле активни околу десет минути, а портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис преку Икс информираше дека „во врска со активирањето на безбедносните мерки во британските бази, се појаснува дека не е утврдена никаква закана“.

– Активирањето на безбедносните протоколи и вклучувањето на сирените беа спроведени во рамките на превентивни мерки. Од извршените проверки не произлезе никаков инцидент. Следствено, активирањето на мерките веќе е завршено, додека надлежните органи продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во рамки на утврдените процедури, напиша Летибиотис доцна синоќа.
Сирените, најчесто не се слушаат во Лимасол и во центарот на градот, туку само во западните населби што се во правец и во близина на воените бази.

Селото што е во околината на британските воени бази од понеделникот е превентивно евакуирано.
Христодулидис: Кипар нема намера да биде дел од каква било воена операција
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис во видеопорака до граѓаните синоќа уште еднаш повтори дека „најголем приоритет и приоритет за кој не се преговара е безбедноста на нашата земја и на сите вас“, а во таа насока, „целата Влада и сите надлежни служби на државата се од самиот почеток во состојба на готовност и целосна оперативна подготвеност“.
– Сакам уште еднаш да повторам, на најкатегоричен начин дека нашата татковина не учествува на каков било начин и нема намера да биде дел од каква било воена операција. Остануваме посветени на хуманитарната улога која ја извршувавме во текот на целиот овој период. Секогаш како дел од решението и никогаш како дел од проблемот. Постапуваме одговорно и правиме сè што е потребно, порача Христодулидис.

Додаде дека од самиот почеток се во постојан контакт со партнерите во Европска Унија и со трети држави за понатамошно зајакнување на нашите напори, а во тој контекст е и помошта што пристигна од Грција и Франција и објасни дека се „во напредни консултации со други држави“.
Во изминатите денови во однос на новонастанатата ситуација, кипарската Влада акцентот го става и на навременото и правилно информирање на јавност, нешто што неколку пати го истакна владиниот портпарол, но и претседателот, кој во телевизиската порака рече дека „навременото и доверливо информирање на јавноста претставува основен предуслов за одговорно и непречено справување со целокупната ситуација“.
На Кипар, од понеделникот се голем број новинарски екипи, како од грчки така и од странски медиуми.






