МИА: Утре во „Св. Прохор Пчински“ ќе има и заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ

По решавањето на спорот помеѓу двете цркви, покрај заедничката литургија, утре во „Св.Прохор Пчински“ за првпат по 18 години по повод 2 Август – Денот на Републиката ќе оди и државно-црковна делегација од земјава којашто ќе ја предводи претседателот Стево Пендаровски

Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ утре, покрај одбележувањето на празникот Илинден од страна на државно-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, ќе се одржи и заедничка литургија по повод верскиот празник Св. Илија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Српската православна црква (СПЦ), објави државната агенција МИА.

Повикувајќи се на извори од српски црковни кругови, новинската агенција пишува дека заедничката литургија во црквата во манастирот „Св. Прохор Пчински“ со почеток во 8 часот ќе ја сослужуваат митрополитот струмички Наум, митрополит кумановско-осоговски Григориј и епископот стобиски Јаков од МПЦ – ОА и епископот врањски Пахомије од СПЦ.

Двете цркви досега одржаа неколку заеднички литургии откако на 9 мај годинава, Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет, со што започна решавањето на повеќедеценискиот спор помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ. На 19 мај поглаварите на двете цркви, архиепископот Стефан и патријархот Порфириј во храмот „Св. Сава“ во Белград сослужуваа заедничка литургија на помирување. Пет дена подоцна (на 24 мај) заедничка литургија имаше и во соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје на која Порфириј Соборот на СПЦ прифаќа и признава автокефалност на МПЦ-ОА.

По решавањето на спорот помеѓу двете цркви, покрај заедничката литургија, утре во „Св.Прохор Пчински“ за првпат по 18 години по повод 2 Август – Денот на Републиката ќе оди и државно-црковна делегација од земјава којашто ќе ја предводи претседателот Стево Пендаровски.

Дел од делегацијата, како што е најавено, ќе бидат и кумановско-осоговскиот митрополит Григориј и епископот стобиски Јаков за кои МИА пишува дека ќе ја сослужуваат утрешната литургија.

Други членови на нашата делегација ќе бидат и: министерката за одбрана Славјанка Петровска, пратениците Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ.

На чествувањето на државниот празник ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ.

Покрај заедничката литургија по повод верскиот празник Св.Илија и одбележувањето на Денот на Републиката од страна на државно-црковна делегација од Северна Македонија, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ утре празникот Илинден ќе го одбележат и Македонците од Србија бидејќи 2 август е државен празник за македонското малцинство во Србија.

Back to top button
Close