Мицев: Македонски концепт се залага за 0 отсто данок за стартапи за првите 3 години

Македонски концепт има визија за задржување на ИТ кадарот во државата и враќање на нашите инженери кои заминаа во развиените, понапредни земји, а тоа ќе го направиме со учење од Полскиот пример, изјави денеска кандидатот за пратеник на Македонски концепт во ИЕ3, Ивица Мицев.

– Во кампањата на опцијата Можеме слушнавме дека ќе го укинеле персоналниот данок, токму за ИТ професионалците и тоа оние кои воведоа прогресивен данок за примања повеќе од 1500 евра, па после се предомислија и го одложија неговото извршување, и во контекст на ова би сакал да прашам како граѓанин и кандидат за народен претставник. Дали после тие 36 месеци ќе почне да се извршува прогресивниот данок со истата стапка од 1500 евра? Ова ветување што го дава оваа опција е чиста демагогија и манипулација, едноставно нема смисла, да се воведе прогресивен данок и воедно да се укине персонален данок, рече Мицев.

Македонски концепт, додаде Мицев, се залага за 0 отсто данок за стартапи за првите три години. Со ова, како што рече, ќе ги стимулираат младите да се насочат кон отворање на стартап бизниси и градење на кариера овде во Македонија.

– Скопје е веќе нефункционален град во смисла на инфраструктура и загадување и потребно е да се прогласи мораториум за градење во градот на 100 години, а притоа урбанистички да се планира и гради „Скопје 2“ со брза железничка и автопатна поврзаност со Скопје и тој град да биде град со фокус на ИТ индустријата и Клинички центар со сектор за бизнис и сектор за домување во хармонија со природата и силен фокус на обновливите извори на енергија.Доколку ни дадете можност да бидеме ваши претставници, ние оваа идеја ќе ја направиме проект, додаде Мицев.

Back to top button
Close