Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратеници од коалицијата поднесе „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција

ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратеници од коалицијата ВРЕДИ и од ЗНАМ подготви и поднесе Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, составена од девет точки со која еднаш засекогаш се става крај на манипулативната тема со мигранти, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Со Резолуцијата, како што посочи, се осудува секое манипулативно однесување и се утврдува дека се става крај на сите шпекулации и лажни манипулации со наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови за мигранти во државата и со која јасно и недвосмислено се исцртува рамка на мигрантската политика.

– По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема за мигранти од СДСМ. Со оваа Резолуција потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. Граѓаните да бидат спокојни, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот, изјави Мицевски.

Резолуцијата, како што појасни Мицевски, е поднесена денеска и се очекува веќе утре да се најде на дневен ред. Таа е составена од девет точки и тоа:

1.Се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови

2. Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.

3. Се констатир дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, и покрај јасните и недвосмислени ставови на надлежните институции, со цел создавање паника, нарушување на јавната стабилност и остварување краткорочни политички интереси на сметка на безбедноста и спокојот на граѓаните, што е спротивно со правилата на поредокот меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација.

4. Се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.

5. Се потенцира дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се суштинска вредност на општеството и дека секое неодговорно политичко дејствување кое што може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија.

6. Се потврдува определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право, при што ниту еден надворешен процес не смее да биде на штета на безбедноста и стабилноста на државата.

7. Се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.

8. Се утврдува дека со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.

9. Оваа резолуција стапува во сила со денот на нејзиното донесување и ќе биде објавена во Службен весник.

Во однос на резолуцијата од СДСМ, и дали ја разгледале, Мицевски рече дека не веруваат во чесна намера и од таа причина ја поднесуваат оваа Резолуција во која се наведуваат сите потребни елементи за отфрлање на шпекулациите кои кружат изминатата недела.

Прашан дали може да се најде одговорност за ширењето шпекулации, Мицевски рече дека за тоа треба да се произнесат други институции. – Како Собрание имаме одоворност да донесеме една ваква резолуција во која јасно и недвосмислено ќе ги утврдиме и поставиме рамките во кои можеме и смееме да се движиме. А, со оваа резолуција исцртани се буквално сите рамки и граѓаните може да бидат спокојни дека безбедноста во државата нема да биде нарушена. Немаме скриени пораки како што во текот на вчерашниот ден обвинуваа. Свесно влеговме и намерно секаде каде што се обраќаме, се обраќаме до мигранти, така да сметаме дека темава веќе не може да ја држат и да си играат со чувствата на сите граѓани во нашата држава, изјави Мицевски.

Во однос на тоа дали како партија ќе поднесат кривична пријава за ширење дезинформации ако и по донесувањето на резолуцијата продолжат со ширење на темата од опозицијата, Мицевски рече прво да ја донесат Резолуцијата, па следните чекори дополнително ќе бидат одредени.

Back to top button
Close