Мицевски: Заседава Координативното тело, Владата има луѓе и механизација за да се справи со пожарите
По паузата од еден час што ја побара, координаторот на СДСМ Оливер Спасовски рече дека не било прифатено нивното барање претседателот на Собранието Африм Гаши веднаш да дојде во Парламентот и да свика ад хок координација за состојбата со пожарите.
-Очигледно не се прифаќа нашиот предлог за ад хок координација, и тоа е уште еднаш игнорантски однос. Собранието треба да покаже поодговорно однесување, рече Спасовски, додавајќи дека во ваква ситуација кога „гори насекаде во државата“ бесцелно е да дискутира.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска рече дека претседателот Гаши не е во можност да дојде зашто е на службено патување, а координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурално обраќање посочи дека во Владата заседава Координативно тело за справување со пожарите, кое го свика премиерот Христијан Мицкоски, и, рече, „се договараат што да направат“.
-Бидете убедени дека Владата има луѓе, има механизација сега и се справува со сите можни и неможни позиции коишто ги има, имајќи превид дека на територија на Република Македонија има голем број пожари и ветрот прави дополнителен проблем. Не е оправдување дека Собранието треба сега да заседава. Штом ќе достави Владата, или ние ако имаме законско решение, може да се собереме и да го изгласаме, рече Мицевски.
Додаде дека не може да сфати „парадокс“ – на ден на опозициски прашања во Собранието сите три опозициски пратенички групи да бараат по еден час пауза „за да не се одржат прашањата“.
-Да бидеме поефикасни и да не се случува овој парадокс, рече Мицевски. Се согласува со забелешката за неприсуството на министри за да одговараат на прашања, но, рече, „и тие што беа тука си отидоа заради ова тргни – застани“.
Прашања поставија пратениците што останаа присутни во собраниската сала -Елми Азири, Халил Снопче и Дијана Тоска.