Мицкоски: Ако се носат мерки ќе бидат за одредени сезонски производи, има можност ДДВ да се намали од 5 на 0 проценти
Владата внимателно го следи движењето на цените на прехранбените производи и горивата и оти има можност за намалување на ДДВ за одредени продукти. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски посочувајќи дека по анализите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), фокусот е ставен на сезонските производи.
Премиерот истакна дека за некои производи, како доматите и краставиците, веќе е забележано значително поевтинување, но Владата е подготвена да реагира доколку се појават нови ценовни шокови по конфликтот на Блискиот Исток.
„Имаме можност ДДВ да го намалиме од 5 на 0 проценти. Маржата што ја имаат и дистрибутерите и продавачите според нас е под 15 проценти, а според нив е под 10 проценти“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, досега имаат коректен однос од синџирите маркети за кои рече дека не се однесуваат шпекулативно, односно не ги зголемуваат маржите туку напротив ги намалуваат бидејќи им се зголемува волуменот.
По продолжувањето на кризната состојба со нафтените деривати до 20 јули и во зависност од движењата на берзанските цени на нафтата за првата половина од месецот, Мицкоски рече дека Владата денеска ќе испрати препорака до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) како да реагира кај акцизата за бензините и дизелот.
„Ако цената е меѓу 800 и 1 000 долари по тон тогаш намалувањето на акцизата по литар е денар, ако е од 1 000 до 1 200 долари е два денара, ако е над 1 200 долари по тон тогаш е четири денари и мора да се движиме во рамките на тој закон. Бидејќи поминуваат првите 15 дена од април денеска ги чекаме пресметките како се движела цената на Плац Италија и врз основа на тоа така ќе и препорачеме на РКЕ како да се однесува кон акцизите“,
рече Мицкоски.
Тој очекува голем дел од европските земји да интервенираат кај ДДВ, затоа што, посочи, дека дел од зголемените цени се и увозни.
Премиерот пред два дена рече дека Владата подготвува насочени мерки за одредена група производи кои бележат двоцифрен раст на цените, иако анализата на пазарот покажува минимално зголемување од само 0,4 отсто.
Најавата што ја даде следуваше откако Пазарниот инспекторат даде детална анализа спроведена во четири големи синџири маркети – „Зур“, „Кипер“, „КАМ“ и „Веро“.
Според споредбата на цените на 55 основни производи во периодот меѓу 1 февруари и 1 април, било утврдено дека има минимален вкупен раст на цените и оти просечното покачување на цените изнесува 0,4 проценти. Сепак, Мицкоски вели дека кај одредени производи било забележано и намалување на цените.






