Мицкоски: Ако уставни измени се услов на коалицијата „Вреди“ за влез во влада, ние нема да го прифатиме

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека досега не се водени разговори со коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“, на тема уставни измени

Резултатите од 24 април се повеќе од јасни и се гледа опозициското расположение кај граѓаните. Пораката од народот е дека досегашната влада треба да оди во опозиција, а на коалицијата „Вреди“ треба да ѝ се даде шанса.

Ова е порака од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Одговарајќи на прашањето зошто без да ги почека резултатите од парламентарните избори на 8 мај, ВМРО-ДПМНЕ ја избра коалицијата на опозициски партии на Албанците „Вреди“ за партнер во идна влада, Мицкоски вели дека ДУИ е веќе 20 години на власт.

„Не е дека ние не го почекавме резултатот. Резултатот на 24 април е јасен. Можеби вистинското прашање е зошто тие што упорно сакаат повторно да бидат во влада се самономинираат дека треба да бидат во влада и се самопрогласуваат за победници. Јасен е исходот на 24 април, јасна е пораката на народот дека опозицијата треба да ја составува владата и ние конечно во Македонија мораме да го напуштиме принципот на ’шведска маса’ во политиката. Не може една политичка партија да биде континуирано повеќе од 20 години малку со едната, малку со другата партија и така цело време да манипулира со граѓаните и со гласачите. Цениме дека треба да се даде шанса на опозицијата бидејќи јасна е пораката“рече Мицкоски.

На прашањето – дали сите гласови што во првиот круг ги доби Гордана Силјановска-Давкова се гласови на ВМРО-ДПМНЕ или има и такви што гласале затоа што токму таа е кандидатката за шеф на државата, лидерот на коалицијата „Твоја Македонија“ одговара:

„Не можете вие да кажете сега дали се тоа 100% гласови на ВМРО-ДПМНЕ, дали можеби некој од ВМРО-ДПМНЕ не гласал или гласал за друг кандидат. Тоа е исто како сега од две шишиња вода да ставате во чашата и да речете до половината е од едното шише, над половината е од другото шише. Не може да се каже така и непристојно е така да се говори, но мислам дека јасна беше пораката на народот. Дури и гласовите коишто се освоени автономно, коишто не се дел од гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, се опозициски гласови. Јас зборувам за гласови коишто се антивладини. Таму има многу малку гласови коишто ја поддржуваат владата бидејќи тие би ги поддржале, логично, кандидатите на владата, тоа се Османи и Пендаровски“.

Според него, пристапот на ВМРО-ДПМНЕ кон „Вреди“ произлегува од гласовите што Пендаровски и Османи ги загубиле на изборите како провладини кандидати.

„Има опозициско расположение. Граѓаните во Македонија сакаат да видат влада којашто ќе ја формира опозицијата. Па, дури и во поширок контекст ако се додадат гласовите на кандидатите кои отпаднаа после првиот круг, а се претставуваа како опозициски кандидати, тогаш таа разлика ќе биде многу поголема. Таа разлика ќе биде двапати, трипати спрема еден, ако се гледа провладини и антивладини гласови. Така што, јасна е волјата на народот“смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски порачува дека Македонија е унитарна држава, а не бинационална и дека оној што ќе обезбеди 61 пратеник, тој ја формира и новата влада, притоа потенцирајќи убеденост оти новата влада ќе има и двојно, но и двотретинско мнозинство.

 

360°: Го земате ли предвид примерот од 2006 година? Тогаш ВМРО-ДПМНЕ, односно вашиот претходник Никола Груевски, реши наместо партијата кај Албанците која освоила најмногу мандати, ДУИ, со 17, да ја земе ДПА со 11 пратеници. Направија влада, ама таа не траеше многу долго, помалку од две години, па во 2008 година ВМРО-ДПМНE мораше да прави коалиција со ДУИ.

Мицкоски: Од секоја една работа треба да се извлечат поуки, но и внимателно да се анализира. Многу пати во политиката ја користам и математиката. И ако повторно ја користиме математиката и направиме споредба што очекуваме дека ќе се случи сега и што се случи во 2006 г., ќе видите дека се различни работи. Ајде да направиме освежување на меморијата од 2006 г. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто ја предводеше имаше 45 пратеника. На тие се придодадоа шест-седум пратеника од Нова социјалдемократска партија на Тито Петковски и 11 пратеника на ДПА и ако се сеќавате, тогашниот претседател на ВМРО – Народна, Љубчо Георгиевски, рече – еве, јас ќе ја поддржам владата, така што не правите влада со ДУИ. Имаше еден таков контекст. Јас сега зборувам за еден многу посилен резултат којшто би го имала коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 45 пратеника и ваков трилинг или квартет нема да биде потребен во владата. Можеби ќе биде добро да имаме трилинг или квартет за 2/3-мнозинство. Доколку тоа е потребно, имајќи предвид дека имаме навистина амбициозна агенда за одредени реформи. Но, имајќи го предвид новиот собраниски Деловник и резултатот што го очекувам дека ќе го има коалицијата „Твоја Македонија“, мислам дека не треба да се прави споредба и не може да се прави споредба, бидејќи математички е поразлично тогаш и сега.

360°: Во таква ситуација, дали ДУИ ќе биде во ситуација да ве обвинува за потценување на гласот на Албанците затоа што не сте ја земале партијата којашто освоила повеќе гласови на етнички Албанци?

 

Мицкоски: Видете, дека ДУИ ќе обвинува – ќе обвинува. Не можеме да кажеме дека нема да обвинува и тоа е политика. Тоа е легитимна алатка во политиката, да се обвинуваме. Ако ние нешто грешиме или тие мислат дека можат нешто подобро, логично е својот став да го артикулираат во јавноста. Но, јас колку што знам, ДУИ формираше коалиција. И во таа коалиција покрај ДУИ како албанска политичка опција има и бошњачка партија, има и турска партија, има и ромска партија или ромски претставник, не знам дали Курто Дудуш има своја партија, но небитно, има и Роми во таа коалиција. Така што, еден е легитимен претставник во албанскиот политички блок, тоа е коалицијата „Вреди“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека 3/4 од населението е за ДУИ да оди во опозиција.

 

„Објективно, кога ќе го прашате народот, граѓанинот во Македонија и тука не мислам на етничка припадност и Македонци и Албанци и останати, огромно мнозинство, би рекол 3/4 мнозинство се за тоа ДУИ да оди во опозиција. Предолго време се, можеби само после Лукашенко во Европа или можеби и повеќе од него, не знам. Треба да им дадеме шанса и можност и на другите да се истакнат и ценам дека треба да видиме овој комплот од политички партии коишто се обединија околу коалицијата „Вреди“, со каков потенцијал располагаат. И добро е македонската јавност тоа да го види“,изјави Мицкоски.

360°: Како ќе се најдете на темата „уставни измени“ со „Вреди“? Мислам на онаа за внесување на Бугарите во Уставот.

Мицкоски: Не, не, нашиот став тука е јасен и прецизен. Тука ставот е јасен и тука нема промени – не со „Вреди“, со ДУИ… Со сите!

360°: Тоа значи дека тие го прифаќаат вашиот став?!

Мицкоски: Не, не сме отвориле на таа тема разговор, не сме разговарале на таа тема.

360°: Тогаш да не е преурането кога двете страни си се бирате за партнери во владата, а не сте се нашле и не сте се договориле за една ваква тема?

 

Мицкоски: Сè што е направено како разговор и јавна артикулација на став пред официјално да се прогласи која било коалиција, можеме да го ставиме во рубриката – можеби е преурането. И се согласувам со вас. Но, едноставно, политиката има формални и неформални пораки и добро е да се испраќаат и формални и неформални пораки. Тука нема нешто што е надвор од политичките манири или политичка артикулација на ставови.

360°: Може ли да се испостави по изборите дека една од страните не ја зборувала вистината? Вие велите – не прифаќаме уставни измени по бугарски диктат, од „Вреди“ велат – за нас приоритет број еден е продолжување на интегративниот процес во ЕУ и носење на уставните измени коишто се првата пречка на тој пат. Е, сега, ако вие велите нашиот став е познат, тие велат уставните измени се приоритет број еден, тогаш по избори ќе испадне дека некој не ја зборува вистината.

 

Мицкоски: Не, не, сè е можно. Сè е можно после изборите да се случи. Ние зборуваме низ призма на дневна политика. Од денеска како стојат работите. Инаку, после изборите, ако има таков услов, ние нема да го прифатиме, затоа што ние имаме јасна позиција поврзана со тој процес. Да, ние сме за продолжување на евроинтегративниот процес, тука нема никој дилема. Тоа е во суштината, тоа е темелот на функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Грешките се направени од страна на претходната влада. Ние немаме намера тие грешки да ги прифатиме, не ги игнорираме бидејќи тие постојат, тука се во собата, затоа сакаме да имаме појасна и многу попрецизна позиција во однос на тие евроинтегративни процеси. Да видиме што, во суштина, има план за нас Европа. Дали воопшто има план за нас Европа. Треба да видиме, да бидеме појасни затоа што вака ова е повторно магловито.

Back to top button
Close