Мицкоски: Американско-британска компанија ќе инвестира до 150 милиони долари во наменската воена индустрија во Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи владината делегација во Лондон на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес, попладневно информираше дека потпишал Меморандум за разбирање со американско-британската компанија „Бурсток“, која што ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија.
-Денеска потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија „Бурсток“, која што ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари, ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места и ова е само почеток – објави Мицкоски на Фејсбук.
Тој додаде дека очекуваат во воената наменска индустрија инвестициите да достигнат повеќе од една милијарда долари.
-„Бурсток“ има долгогодишно искуство во областа на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето, обуката, консултантски услуги и управување со проекти, како и специјализирана во поморскиот и воздухопловниот комерцијален сектор, додаде Мицкоски.