Мицкоски: Блиску сме до одлука државата преку АД ЕСМ да го гради Чебрен и Галиште, а првите сериозни контури да се појават до 2037 година

Раководството на ЕСМ и Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство се во обид да се формира меѓународен синдикат, односно синициран заем од неколку реномирани меѓународни финансиски институции, од што зависи иднината на проектот за градба на двете хидроцентрали „Чебрен“ и „Галиште“. Според досегашните информации, тие обиди се успешни – вели премиерот Христијан Мицкоски.

– Сè уште немаме потврда, сè уште немаме почеток на реализацијата на овој проект, но многу сме блиску до носење одлука државата преку ЕСМ да го финансира и го реализира овој проект. Тоа е важно не само за државата туку и за регионот имајќи ги предвид климатските промени. Убеден сум дека во годините, во децениите што следуваат, на регионот, а особено на Македонија, потребни се нови два резервоари за вода. Бошков Мост, од оправдани причини, и Луково Поле не се изградија, единственото нешто што во моментот има потенцијал, а има прилично богата и добра хидрологија, е оваа каскада „Чебрен“ и „Галиште“. И тоа со можност за реверзибилност да биде „Чебрен“, но тоа сè уште се анализира како техничко решение од страна на луѓето вклучени во проектот – рече Мицкоски во интервју за поткастот „Каде се парите“.

Освен за вода за пиење, овие два потенцијални резервоари се потребни и за наводнување на овој регион, а дури потоа, но не помалку важна, е и можноста за развој на туризмот.

– Дури потоа јас би зборувал за производство на електрична енергија, но повеќе јас овие резервоари ги гледам како своевидни батерии, односно акумулации што може да акумулираат и практично да го нивелираат пикот, односно конзумот, производството и потрошувачката на електрична регистрација. Ова е проект што носи додадена вредност во македонската економија затоа што се финансира, и нашата желба е да се финансира, со средства од надвор, со грејс-период еднаков на периодот на градба, од 8 до 10 години, и сè би можело да биде, што се вели, домашна компонента, да имаат додадена вредност – објасни Мицкоски.

Разликата зошто би се одело со финансирање преку ЕСМ, а не преку домашно финансирање, од буџет, но со кредитно задолжување, премиерот со одговор: Така влегува во дефицит.

-Ако се оди преку АД ЕСМ, не влегува во дефицит. Различно е. Ова е проект со висока стапка на поврат и со висока нетирана сегашна вредност. А како второ, нашата амбиција е да бидеме крстосница на двата коридори со сета придружна инфраструктура, проектот за пругата којашто треба да се изгради на коридорот 10 и западното крило на пругата од коридорот 8. Тоа се средства коишто за разлика од АД ЕСМ или ЈП за државни патишта, Македонски Железници Инфраструктура или Транспорт, многу тешко би можело да ги финансира. И тогаш ние тие два проекта ќе мораме да ги изработиме преку Министерството за транспорт и тогаш тоа ќе влезе во буџетскиот дефицит. Така што во еден момент, во следниве 10 години ќе се појават проекти во вредност од десетина милијарди евра, дел приватна иницијатива, дел државна иницијатива, истакна премиерот.

Во однос на капацитетот на државата за такви проекти, од аспект на градежништво, но и за аспектот од машинскиот момент за хидроцентралите, Мицкоски посочи дека веднаш по враќањето од Самитот во Тиват, почнал средби со македонските градежници.

-На овие средби се разговара за капацитетот, што е она што може да се сработи дома, а што треба да се бара од надвор, за да се види можноста колку од парите би останале во македонската економија со ангажирање на сиот капацитет. Вистинско проектно решение е кога ние ќе успееме да ги оптимираме сите овие трошоци и сите тие трошоци да ги направиме тука дома, колку повеќе ги направиме дома толку е подобро, нагласи Мицкоски.

Почнал и состаноци со македонските градежни компании за да ги претстави амбициите на државата и планот.

-Да се погледнеме во очи, да знаеме што можеме дома да направиме, што е тоа што ќе мораме да го бараме надвор. Ако влеземе во аранжман да се задолжиме ние мораме што побргу да го завршиме тој проект за да профитираме односно да приходуваме за да можеме да го враќаме долгот. Моментално не е толкав капацитетот колку што е потребата и колку што е нашата амбиција, годишно просечно по една милијарда евра, но се договоривме да имаме раст отприлика на 25 или 30% на годишно ниво, што во одреден период ќе ни овозможи да дојдеме на половина од тоа што е нашата амбиција. Другата половина ќе мора да бараме од градежни компании од надвор, посочи премиерот.

Во однос на машинскиот дел за хидроцентралите, од каде ќе се набави, Мицкоски информира дека за тоа ќе се распише тендер што ќе се организира заедно со потенцијалниот синдикат на заемодаватели, за коишто посочи дека станува збор за реномирани компании, банки и големи финансиски институции.

-Доколку биде сè како што треба, ние планираме на принципот на „Јелоу Фидик“ да ја почнеме постапката, очекувам првите контури посериозни да се појават во интервалот 2035/37 година, рече Мицкоски во интервјуто.

Back to top button
Close