Мицкоски: Членството во ЕУ ќе биде во фокусот на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но на различен начин

Борбата против криминалот и корупцијата ќе биде главниот приоритет на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски по средбата со министерката за Европа и Устав во австринската Влада, Каролина Едстадлер.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски со партиска делегација е во посета на Виена, Австрија, откако деновиве, исто така, со функционери на ВМРО-ДПМНЕ, учествуваше на конгресот на Европската народна партија (ЕПП) што се одржа во Букурешт.

Средбата со Едстадлер, вели Мицкоски во изјава за ТВ Алфа, била првата од планираните неколку со функционери во австриската Влада. На неа, како што кажа, ги објасниле позициите на ВМРО-ДПМНЕ од нивната изборна програма, која вели практично ќе биде програма на идната влада на земјава која според него ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

„Главен приоритет на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде борба против криминалот и корупцијата и резолутно спроведување на владеење на правото. И сите оние кои што се огрешиле пред законот треба да сносат последици за тоа што го направиле со фокус на овие политички криминалци во најкорумпираната Влада во Југоисточна Европа и Западен Балкан“,

вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Тој се осврна и на евроинтеграциите на земјава. Вели дека под нивно водство владата ќе биде проевропска и главен фокус ќе биде интеграцијатана Македонија во Европската Унија, но „на еден различен начин од тоа што го правеше досегашната влада“.

„Ние нема да коленичиме и да бидеме подлизурковци и измеќари. И нема да ги распродаваме националните интереси, и нема да ја крадеме Македонија со едната рака, а со другата да мавтаме со европското знаменце. Туку подготвени сме со сите, на една рамноправна основа, на една двонасочна улица, со аргументирани ставови и позиции да разговараме за вистинска европска иднина на Македонија и да ги реафирмираме вистинските европски вредности, врз основа на кои почива самата Европска Унија, а дефинирани многу одамна од основачите Аденауер, Шуман и Дегаспери“,изјави Мицкоски. 

Според Мицкоски ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со ова прашање е принципиелен и таков ќе остане и по изборите.

„Подготвени сме со секого да разговараме, на една рамноправна основа, штитејќи ги националните и индентитетските интереси на македонскиот народ, на граѓаните во Македонија и Македонија како држава“,

вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се децидно против уставните измени со кои Бугарите би влегле во Преамбулата на Уставот, што е услов за продолжуавње на преговорите со Европската Унија, односно за отворање на Кластерите и поглавјата од преговарачкиот процес.

Тој изминатиов период во повече наврати беше прозван од меѓународните партнери на С Македонија, особено од дипломатските претставници на САД да ја престави визијата на ВМРО-ДПМНЕ за патот на државата напред кон членство во Европската Унија.

Back to top button
Close