Мицкоски: Да го промениме Изборниот законик и да направиме една изборна единица во која ќе гласа и дијаспората

Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, ги повика пратениците од опозицијата да поддржат измени на Изборниот законик за една изборна единица, но да се дозволи да гласа и дијаспората.

„Што се однесува до законот за локална самоуправа, целта е сосема поинаква. Целта е да може да се направат измени кои што ќе бидат во согласност со изборните процеси кога се избираат градоначалници, советници итн. Не е целта дали имаме резиденти или нерезиденти. Но, кога веќе го поставувате тоа прашање, јас еве би ве повикал заедно сите да го промениме Изборниот законик и да направиме една изборна единица. И во таа една изборна единица да дозволиме и дијаспората да гласа, да дозволиме да се формираат избирачки места во оние држави во кои се дозволува согласно Устав да се формираат избирачки места надвор од Дипломатско конзуларните претставништва“изјави Мицкоски.

Тој рече дека е подготвен заедно со пратениците од неговата партија, веднаш да ги поддржат таквите измени.

„И да не филозофираме зошто олку или толку советници, еве одма да го отвориме ова прашање и да го затвориме. Да имаме една изборна единица и во таа една изборна единица да се гласа вклучително да бидат вклучени и гласовите од дијаспората и тоа не само во ДКП, туку насекаде онаму каде што дозволува законот на таа држава да се гласа надвор од ДКП. Веднаш сум подготвен да го поддржам тој закон и ви давам збор дека и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи“додаде Мицкоски

Back to top button
Close