Мицкоски: Денес Бугарија работеше против нас, но Македонија останува горда, нема да дозволиме ново предавство
Остануваме горди, со крената глава. Денес Бугарија работеше против нас. Денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век. Денес комотно и на очиглед на сите, на Европа можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Рече дека ние сме на вистинската страна од историјата, „а Бугарија видовме дека знае и да ја утне вистинската страна“.
– Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, но не од сега, туку уште од 1990 година. Таа има јасна агенда и план, водена е од мислата да ги уништи македонската нација и идентитет. Но, да оставиме трага на вистината. Ова е нашиот Крушевски манифест, мораме да се мобилизираме со сите наши пријатели и сојузници. Ова е борба за фундаметнални правда и вредности. Но, оваа борба ниту почнува, ниту завршува денес, сите овие перипетии колку и да се трагични за Македонија имаат успешна димензија – потенцира Мицкоски по повод гласањето на извештајот во ЕП.
Според премиерот, македонската историја е втемелена на неправди.
-Неправдите не се само идентитетски, преку оспорување и предавство, туку се и социо-економски, се раселувале луѓето, бегале од тука. Денес само методите се поинакви, но суштината е идентична. Никогаш нема да се соочиоме со неправдите ако не ги именуваме, идентификуваме и победиме – рече Мицкоски.
Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година кој денеска беше изгласан во Европскиот Парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ со амандман избришани се македонски јазик и идентитет.
Амандманите со кои се бараше да се отстрани македонскиот јазик и идентитет од европскиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година добија широка поддршка на пленарната седница на Европскиот Парламент