Мицкоски до администрацијата: Не се плашете, реваншизам ќе нема  

Сигурни се нивните работни места и на овие избори да излезат на гласање и слободно и независно од било какви притисоци да си ја изразат својата волја позади параванот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митинг во Кичево.

Со тврдења за притисоци врз администрацијата, која ја повика да не се плаши од реваншизам, настапи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на митинг вечерва во Кичево, каде што кандидатот за градоначалник од оваа партија ќе се соочи во вториот круг со досегашниот градоначалник од редовите на владејачката ДУИ.

-Овие денови ми доаѓаат информации од повеќе општини и градови како локалните функционери на СДСМ се закануваат до вработените во администрацијата, создавајќи страв дека доколку дојде во промена на власта, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги брка од работа. Ние не сме Зоран Заев, живи луѓе не јадеме. Затоа испраќам порака до тие луѓе да не се плашат. Сигурни се нивните работни места и на овие избори да излезат на гласање и слободно и независно од било какви притисоци да си ја изразат својата волја позади параванот. Не се плашете затоа што тие кои го велат тоа треба единствени да се плашат, затоа што јас ги гледав во очи и им велев ќе одговарате за сите криминали. Луѓето кои работат за плата не смеат да бидат мета на политички прогон, ниту пак ми паѓа на памет да правам некаква одмазда кон недолжни граѓани. Треба и конечно да заврши времето кога луѓето кои се недолжни ќе треперат за тоа дали ќе се промени власта затоа што може да останат без работа -рече Мицкоски.

Back to top button
Close