Мицкоски до Филипче: Кога бевте министер за здравство, имаше извештаи за бактериолошки неисправна вода во многу градови, но не презедовте ништо
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, на собраниската седница посветена на пратенички прашања во одговор до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека во време кога тој бил министер за здравство, имало извештаи за бактериолошки неисправна вода во неколку градови во 2019, но тој, како што рече, тогаш не презел ништо. Премиерот нагласи дека Обвинителството треба да се позанимава со овие случаи.

Одговарајќи му на Филипче, кој постави прашање кој е одговорен за проблемите со кои се соочува државата, меѓу кои и случајот со водата во Гостивар, Мицкоски рече дека доколку вчера имало шест неисправни примероци, а денеска има два, тогаш очекува дека гостиварци за неколку дена ќе имаат исправна вода за пиење.
– Бидејќи немам многу време, ќе дојдам до прашањето што мислам дека е интересно и за вас бидејќи тогаш бевте министер. Зошто денес барате одговорност од министерот за здравство, кој е министер многу кратко време, а не гледаме одговорност за она што се случувало во времето кога вие бевте министер? Имаме колеги од Прилеп во вашата пратеничка група. Еве го извештајот на Центарот за јавно здравје – Прилеп за периодот од 1 до 28 февруари 2019 година. Извештајот се однесува на Прилеп, Крушево и Македонски Брод. Во него јасно е наведено дека има бактериолошка и физичко-хемиска неисправност на водата. Во рубриката „Преземени мерки“ стои – ништо. Следува извештајот за периодот од 1 до 31 март 2019 година. Повторно за истите градови. Повторно – преземени мерки: ништо. Можам да ви набројам уште многу вакви извештаи. Еве извештај и за Гостивар и околните населени места. Во тој период вие бевте министер. Не само што ви гореа модуларни болници, туку како доктор не се држевте до заклетвата, како доктор дозволувавте луѓето да користат вода што во најмала рака претставувала ризик за нивното здравје. Дали јас како инженер или Панче како правник се разбираме во хиперхлорирање или не, не е суштината. Но знам дека ако вчера имало шест неисправни примероци, а денес има два, тогаш очекувам дека гостиварци за неколку дена ќе имаат исправна вода за пиење – нагласи Мицкоски






