Мицкоски: Државата почна да наликува на Лас Вегас, со законот за игри на среќа се става ред и дисциплина

Со новиот закон за игри на среќа се става ред и дисциплина, вели премиерот Христијан Мицкоски, кој ги негираше критиките дека се остава простор за нелегално организирање на игри на среќа , како и дека ќе се изгубат работни места. Според Мицкоски власта е свесна за последиците и фискалниот ефект, но не остапува од предложеното законско решение.
„Имаме чувство дека државата полека но сигурно наликуваше на Лас Вегас. Буквално на секој чекор гледавме дуќани во кои со силни светлечки реклами се рекламира овој тип на среќа, пред се, мислам на казината и коцкањето и некако како правило до нив веднаш имате канцеларија за брзи кредити, па веднаш до нив имате заложувалница. Тоа е некако еден систем, којшто мораме да го регулираме и претставува систем којшто е за жал причина за многу семејни и човечки несреќи. Со овој закон се регулира оваа дејност. Повеќе нема да има таков тип на реклами коишто привлекуваат внимание. Во некои места дури цели маала имаше по неколку казина такви“, кажа Мицкоски.
Мицкоски ги негира и обвинувањата на Асоцијацијата на игри на среќа дека законот се носи нетранспаретно. Според него, сите засегнати имале можност да учествуваат со свои предлози.
„Мислам дека законот беше донесен ултратранспаретно. Беа повикани буквално сите засегнати страни да учествуваат во неговата изработка. Нормално е дека ние не можеме да се усогласиме 100 проценти со оние што се дел од тој бизнис во моментот бидејќи тие имаат свој интерес. Ние го штитиме интересот на државата и граѓаните. Не мислам дека ќе има нелегални приредувања на игри на среќа и не мислам дека ќе се изгубат работни места. Едноставно се става дисциплина и поинаков лик, поинаква перцепција ќе имаат македонските градови“, додаде Мицкоски.
Во новото законско решение кое го предлага Владата, се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа како казина, автомат-клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, а во обложувачниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување електронски видеолотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
„Се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа. Се забрануваат пораки кои коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми. Дополнително, се забранува рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници“, кажа владината портпаролка Венера Азизи на прес-конференција во Владата на 12 мај.
Извор: 360stepeni.mk





