Мицкоски е подготвен да разговара со синдикатите за зголемување на платите, но кога ќе се крои буџетот за следната година
Не велам дека се координирани, но чудно е како утринските соопштенија на СДСМ кореспондираат со ставовите на претседателот на Синдикалната организација, којашто, патем, имаше можност кога СДСМ беше движечка партија во Владата да потпише колективен договор, па потоа видовме како на отворена сцена беше изиграна.
Ова е коментарот што премиерот Христијан Мицкоски го даде во врска со обвинувањето што претходно денеска го даде лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оти ја политизира работата на синдикатите.
„Јас разбирам дека тие се сега уплашени за тоа што следи во периодот којшто е пред нас и ако објективно ги гледаме пораките коишто во јавноста се присутни ќе видите како веднаш после неколку часа, после претседателот на Синдикатот реагира претседателот на СДСМ и тоа дава една доза на сомнеж“изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот заклучи дека поголеми плати се потребни, но ќе има тогаш кога за тоа ќе има основа. Додаде оти при носењето на буџетот за следната година подготвени се да седнат и да разговараат со сите синдикални единици и организации и да разговараат за зголемување на платите.
„Со ребалансот се предвидени сите покачувања и усогласувања коишто претходно беа усогласени со синдикалните организации, а со буџетот за следната година подготвени сме да седнеме, да разговараме без политизација и да најдеме решенија. Јас сум прв којшто ќе поддржи нешто за кое што има основа, нешто за кое што навистина е потребно да се поддржи. Ве молам за трпение, заедно ќе седнеме и ќе најдеме решение“,изјави Мицкоски.