Мицкоски: Ќе воведеме рок во кој институциите ќе мора да одговорат на барањата на граѓаните

Граѓаните да ја добиваат побараната услуга од сите општини и институции во рок од пет дена – ова е новитетот во бирократијата кој вечерва од трибина во Струмица го најави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Гаранцијата за услугата, како што рече, нема да биде желба, туку закон, кој ќе им овозможи на граѓаните да добиваат одговор од институциите навреме, точно и без чекање.

Христијан Мицкоски, премиер на С Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Почитта за времето на граѓанинот, додаде Мицкоски, ќе биде основна вредност на новата јавна администрација.

„Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува“,најави Мицкоски од вечерашната трибина во Струмица.

Премиерот најави дека ќе биде воведеја и јавна листа со време на чекање во сите здравствени установи.

„Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“,додаде Мицкоски.

Во областа на образованието, најави дека ќе се воведе предмет со кој ќе се изучува вештачката интелигенција, посочувајќи дека на тој начин идните генерации ќе се подготвуваат за новата економија и дигиталната ера што, како што рече, веќе тропа на вратата.

„Ова се темелите што ги поставуваме. Не ветуваме дека ќе биде лесно. Но ветуваме дека ќе биде чесно и нема да биде срамно. Ќе биде наше.  Ќе биде вистинско.  И најважно, ќе биде за тебе“,порача тој.

Back to top button
Close