Мицкоски се пожалил на НАТО и ЕУ дека опозицијата вчера со протестот на студентите се обидела да ја дестабилизира државата

Владата ги информирала сојузниците во НАТО и во ЕУ за обид за дестабилизација од страна на опозицијата за време на вчерашниот протест во Скопје, на кој студенти бараа полагањето на правосудниот испит да се спроведува и на албански јазик. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери му дале политичка конотација на вчерашниот протест.

„Вчера видовме голем број на опозициски и активисти и високи функционери кои беа на протестот, давајќи му и политичка конотација. Ние за тоа ги информиравме нашите сојузници и во НАТО и во Европската Унија за обид на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување од високи преставници на меѓународната заедница“изјави Мицкоски одговарајќи новинарски прашања.

Во однос на брањата на студентите за полагање на правосудниот испит и на албански јазик, премиерот вели дека барањата се едно, а Уставот и меѓународните стандарди се нешто сосема друго.

„Факт е дека Законот за употреба на јазиците е предизвикан пред Уставниот суд токму во оној дел на правосудството и владеењето на правото. Факт е дека имаме негативно мислење од Венецијанската комисија во однос на двојазичноста во правосудството бидејќи прво, немаме доволно ресурси за тоа да го имплементираме, а второ, не се гарантира владеењето на правото. Затоа тие силно препорачуваат да се вратиме на законот за јазици од 2008 или 2009 година“вели Мицкоски.

Тој посочи дека е формирана комисија составена од уставни експерти кои треба да најдат решение во однос на ова прашање кое истовремено ќе биде уставно и согласно меѓународните стандарди.

Back to top button
Close