Мицкоски ги повика членовите на СДСМ на обединување и најави мораториум во нападите кон Левица и ЗНАМ

Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот и да ја одземеме од рацете на 100-тина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ, порача вечерва од Охрид лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од каде најголемата опозициска партија ја почна изборната кампања за парламентарните избори.

Тој оцени дека во Македонија лошо се живее затоа што, како што рече, институциите се распаднати, а државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДСМ.

„Нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде. Накусо нема надеж и сон кои не се уништени“истакна Мицкоски.

Според него, власта има изгубено контакт со реалноста, а во исто време е рекордер во Европа по корупција и криминал.

„Ако ги слушате нив ќе помислите дека живееме во Елдорадо, и сите се среќни и богати, имаат изгубено контакт со реалноста. Рекордери се во Европа по корупција и криминал, нема извештај што тоа не го потврдува, рекордери по сиромаштија и апатија, рекордери по инфлација, 600 илјади граѓани живеат со само 150 денари на ден, а македонската младина е најнесреќна во Европа. Граѓаните не си одат оттука, тие буквално бегаат од Македонија. И не само Македонците, сите, би рекол најмногу Албанците, затоа што и тие се разочарани од политиките на партијата која е рекордер по години на владеење во светот, ДУИ, и која истовремено на толку сторен криминал нема еден нивен член што е во затвор. Да не должам на темава да ви кажам. Ќе одговарате за се. Дебело ќе одговорате. Не е ова никаква закана. Ова е мое ветување, запаметете го добро“ изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски се осврна и на првиот дел од кампањата нагласувајќи дека претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски ниту еднаш не ги искритикувал ДУИ, а лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски не кажал ниту збор за тоа што направиле како влада.

„Зошто Стево Пендаровски ниту еднаш не го спомена ДУИ за било што лошо во кампањата до сега? Јас ќе ви кажам. Уценет е. Го држат. Не смее да писне. И ако кажува дека не е корумпиран не верувајте во такви работи, ако не е корумпиран ќе зборува директно и отворено против ДУИ и против сите криминалци, а нема да калкулира како сега. Зошто Ковачевски не кажува ниту еден збор за тоа што направиле како влада до сега? Затоа што ништо не направија, затоа што се заглавени со други приоритети, со крадење и местење тендери“ рече Мицкоски.

Според него, СДСМ цело време зборувале за режимот, а самите станале артаноиден режим.

„Цел прв круг на претседателски избори слушаме се и сешто, повторно зборуваа за режимот, сакаат да заборавиме дека се шест и половина години на власт и видовме што направија, и каков криминален артаноиден режим тие станаа. Ни кажуваа дека Македонија била на маса со најсилните и тие ќе не бранат, заборавајќи да споменат дека по стандардот и живот не донесоа меѓу најсиромашните и најкорумпираните земји во светот. Дозволија ДУИ да ја киднапира и украде Македонија од рацете на народот. Ветуваа живот за сите, но за жал во Македонија паметите, добивме уживање за артановци и зечевци во Македонија, а живот за сите други на раб на егзистенција тука или надвор од земјава“истакна Мицкоски.

Според него, СДСМ и ДУИ подготвувале сценарио за кое се надевале дека ќе им се оствари.

„Сакам денеска пред вас да обзнанам едно сценарио, една завера која ја подготвуваат и со која си се лажат себе си дека ќе им успее. А, тоа е, ќе имале СДСМ 28 пратеници, а албанските партии ќе добиеле 33 заедно и ќе правеле влада заедно, замислете каква багра е тоа, и како размислува за иднината на Македонија. Нив не ги интересира иднината на државата, туку иднината на нивните фотелји, нема откажување од фотелјите треба да им е слоганот. Дури и им ветувале на ДУИ дека наместо како до сега 50 проценти од државните институции, СДСМ би се задоволиле со 30 проценти, а ДУИ и останатите партии да преземат се до 70 проценти“ посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и ги повика граѓаните на изборите да излезат во што е можно поголем број и да кажат што мислат за ваквите сценарија.

Тој ги повика и членовите на СДСМ на обединување порачувајќи им дека ќе работи заедно со нив за да ги искористат сите потенцијали на државата.

„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија. Со Левица и Знам имаме свои разлики. По повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“,порача Мицкоски.

Back to top button
Close