Мицкоски ги знае, но не ги открива позициите на сестрински партии за извештајот на ЕП

Премиерот Христијан Мицкоски има информации како сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава, но, не сакаше да ги открие и упати да се почека на утрешниот ден кога извештајот треба да се најде на дискусија пред европратениците.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека вчера имал разговори со многумина претставници на сестринските партии, а интензивна комуникација, како што кажа имал и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Премиерот, појасни дека утре не се гласа за извештајот туку дека тој треба да помине на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).

„Па имам информации. Во текот на вчерашниот ден разговарав со многумина, но ајде да оставиме да помине, не се гласа утре во Европскиот парламент, утре поминува во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ). Инаку, во текот на вчерашниот ден имав голем број на телефонски разговори, министерот за надворешни работи исто така, други луѓе од Владата исто така разговаравме во текот на денот и да почекаме утрешниот ден да дојде“, рече премиерот, прашан дали во пресрет на утрешното гласање во европскиот парламент има некои нови информации од сестринските партии како ќе гласаат.

Известувачот за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „360 степени“ емитувано на 29 мај 2025 година рече дека нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

„Лично ми е жал што ова е потребно, бидејќи нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик. Лично, не би гледал потреба тоа да се каже. Но, поради некои прашања што беа поставени, особено од бугарската страна, дека македонскиот е независен јазик што се разликува од бугарскиот и дека македонскиот идентитет беше доведен во прашање не само од бугарските соседи, туку и порано од грчките соседи, потребно е да се спомене ова, и тоа е вклучено во нацрт-извештајот“, вели Вајц.

На прашањето дали за ова ќе има мнозинска поддршка во парламентот и дали има притисок од бугарските колеги европратеници, Вајц вели дека очекува мнозинство за конструктивен извештај, бидејќи има големо мнозинство групи во Европскиот парламент што го поддржуваат процесот на пристапување на Северна Македонија. Но, исто така, додаде оти не може да негира дека бугарските членови на парламентот се незадоволни од текстот и тоа јавно го изразуваат во бугарските медиуми.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека нема да прифати пред македонска нација да стои зборот „сегашна“ во извештајот, како што предлагаат пратеници од бугарската партија ГЕРБ.

За премиерот, предлогот за додавање на зборот „сегашна“, е обид за создавање нова, вештачка македонска нација.

„Јас тоа нема да го прифатам и ќе го отфрлам. Никогаш нема да го прифатам затоа што тоа нема никаква врска ниту со европските ниту со какви било вредности“, рече вчера премиерот.

Минатата недела, а во претсрет на извештајот на Европскиот парлемент, бугарските пратеници со 194 гласа „за“ ја поддржаа резолуцијата за евроинтегративните процеси на Македонија, со која Софија испраќа порака дека за Македонија нема да има план Б доколку не го почитува договореното во 2022 година.

Во документот што го усвоија пратениците на бугарскиот парламент се вели дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна, и Унијата како целина, од друга страна, и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓу другото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, преговарачката рамка на Република Северна Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.

Резолуцијата денеска одговарајќи на новинарско прашање ја коментираше и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, оценувајќи ја како навредлива.

„Навредливо е такво нешто да се направи бидејќи во старт го оневозможувате заедничкото чекорење низ дијалог. Суштината на преамбулата во Договорот за добрососедство и пријателство е да си помагаме со разбирање. Мислам дека ова не е во ред. Во друга држава сега би следувала иста таква декларација во парламентот“, вели претседателката.

Според неа, нема европски државник со кого седела, а кому не му ги објаснила нашите позиции, но не низ призма на нашиот Устав, туку низ призма на нивните уставни документи.

Коментирајќи го извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава, кој треба да биде објавен утре, претседателката на државата рече дека очекува тој да даде реална слика за напредокот на земјава.

Back to top button
Close